Реал Мадрид е фаворит за пласман во полуфиналето по победата на првиот меч од 3-1, но бранителот на титулата, Челси, се враќа во форма и ќе се обиде да го заборави првиот меч на кој, според менаџерот Томас Тухел, тимот одиграл едно од најлошите први полувремиња на „Стамфорд бриџ“

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Во Лигата на шампионите (ЛШ) утре и задутре ќе се играат реванш-четвртфиналните натпревари. Челси и Бенфика ги очекува голема работа за да ја надоместат негативата од 1-3 од дуелите дома против Реал Мадрид, односно Ливерпул, а Баерн Минхен и Атлетико на домашен терен ги пречекуваат Вилјареал и Манчестер сити, од кои загубија со минимални 0-1, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Реал Мадрид е голем фаворит за пласман во полуфиналето, но бранителот на титулата, Челси, кој го декласира Саутемптон на гости во саботата (6-0), покажа дека се враќа во форма и ќе се обиде да го заборави првиот меч на кој, според менаџерот Томас Тухел, тимот одиграл, како што рече тој, едно од најлошите први полувремиња на „Стамфорд бриџ“. „Сините“ од Лондон не се тим што постигнува многу голови на гости на евронатпреварите, но, на крајот на краиштата, минатата сезона Челси го елиминира Реал Мадрид во полуфиналето (1-1 и 2-0). Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, успеа да ја задржи сталоженоста по победата на првиот меч со хет-трикот на Карим Бензема, велејќи: „Ова беше добра ноќ за нас, но тоа е само полувреме, треба да бидеме претпазливи, сепак тие се ланските победници“.
Баерн беше повеќе од блед на првиот меч и сега се очекува дека ќе одигра многу подобро.

– Мора да бидеме искрени и да кажеме дека се извлековме само со минимален пораз од 0-1 – изјави играчот од средниот ред на Баерн, Џошуа Кимих, по натпреварот.
„Шпигел“ напиша дека „страшниот напад на Баерн го изненади Вилјареал со својата безопасност“, оти за првпат во 32 меча во ЛШ, Баварците не ја затресоа противничката мрежа. Тимот на Јулијан Нагелсман има 90 минути да ги исправи работите, а Роберт Левандовски и клупските колеги во Минхен ќе го стават на многу поголеми искушенија тимот на Унаи Емери. Но и Вилјареал, кој лани триумфира во Лига Европа (ЛЕ), чувствува дека не е без шанси за натамошен прогрес и посакува полуфинале, па и финале.
– Ако победите со 1-0 против Баерн и сметате дека можете да одиграте уште подобро, тоа е многу позитивно – изјави стрелецот на голот Арнаут Данџума.
Манчестер сити оди на гости кај Атлетико во Мадрид со предност од еден гол, кој го даде Кевин де Брујне, во „тврд“ натпревар, на кој Атлетико се бранеше со 10 играчи.

– Пораз од 0-1 не е толку лош резултат. Во Мадрид ќе биде поинаку – изјави поранешниот дефанзивец на Сити, сега на Атлетико, Црногорецот Стефан Савиќ.
Зборови на оптимизам, но треба да се знае дека екипата на Диего Симеоне не секогаш ги забележувала најдобрите резултати на стадионот „Метрополитано“ во последно време. Тие немаат победа на последните шест дуели дома во ЛШ (четири порази и две ремија), а згора на тоа Пеп Гвардиола инсистира дека Сити нема да се брани во Мадрид, предупредувајќи: „Ќе одиме таму да постигнеме гол и ќе се обидеме повторно да победиме“.
Ливерпул би требало да има лесна задача против Бенфика по победата во првиот меч во Лисабон, но, сепак, ништо не е готово. Бенфика ќе ја бара инспирацијата од „класата 2005/2006“, која победата од 1-0 од првиот натпревар во осминафиналната нокаут-рунда против „црвените“ ја дополни со уште една, незаборавна победа на „Енфилд“ од 2-0.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, РЕВАНШ-НАТПРЕВАРИ

ВТОРНИК
Реал Мадрид – Челси (3-1, прв натпревар)
Баерн Минхен – Вилјареал (0-1)

СРЕДА
Атлетико – Манчестер сити (0-1)
Ливерпул – Бенфика (3-1)
ПОЛУФИНАЛЕ, 26/27 април и 3/4 мај
ФИНАЛЕ, 28 мај, Стад де Франс, Париз