„Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент, ќе се одржи в четврток во 20 часот во македонската Филхармонија. Пред концертот во фоајето на Филхармонија ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски -Ѓумар, кој освен диригирањето, кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето.
На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов – Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.
Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943) има посебно место во историјата на музиката. Беше композитор кој пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост. Концертот бр.3 е фантастично музичко дело, а онна по што е препознатливо, типичено и уникатено е фактот што не е напишан во типично романтичарски рамки во кои солистот е доминантен, туку има похуман музички контекст во кој солистот свири флексибилно, посветено и заедно со секој музичар во оркестарот учествува во создавањето на музичкото дело.
Дино Имери (1990) е еден од 7 најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. Денес, со веќе изграден творечки стил, Вања Николовски во создавањето на своите дела приоѓа на интуитивен и рационален начин.