Фото: МНР на Белорусија

Делегациите на Русија и на Украина ќе одржат нова рунда разговори во живо во Турција од денеска до среда, најави еден од украинските преговарачи Давид Арахамија.

Рускиот главен преговарач Владимир Медински, исто така, најави одржување нова рунда преговори, но најави дека тоа ќе биде денес и в среда, без да го прецизира местото.

– На преговорите преку видеоконференциска врска е одлучено следната рунда да се одржи во Турција од 28 до 30 март – објави Арахамија на Фејсбук.

На 10 март во Анталија, Турција, на ниво на министри за надворешни работи, на предлог на Анкара, веќе се одржа еден круг руско-украински разговори во живо, но не донесе конкретен напредок.

Оттогаш, преговорите се водат преку видео-конференциска врска и двете страни ги опишаа како „тешки“.

– Процесот на преговори е многу тежок. Украинската делегација зазеде цврст став и не се откажува од своите барања. Пред сè, ние инсистираме на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина – изјави во петокот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Тој негираше дека е постигнат „консензус“ со Москва, спротивно на изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека делегациите на двете земји одговориле на четири од шест точки.

Главниот преговарач на Москва истакна дека преговорите се во застој поради клучните точки.

– Позициите се приближуваат во споредните точки. Но, ние сме во застој околу главните политички прашања – додаде Медински.

Тој изјави дека Москва инсистира на потпишување „сеопфатен договор“ кој ќе ги земе предвид барањата за неутралност, демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и признавање на рускиот суверенитет над Крим и независност на двете проруски сепаратистички области Доњецк и Луганск.


Киев бара од ОН да ја преземат контролата врз нуклеарната централа „Чернобил“

Украина упати повик до Советот за безбедност на ОН да прогласи нукларната централа „Чернобил“ за специјална безбедносна зона, јави ДПА.

Весникот „Украинска правда“ ја пренесува изјава на вицепремиерката, Ирина Верешчук, која вели дека меѓународната мисија би ја презела контролата врз областа на нуклеарната централа.

– Неодговорните и непрофесионални активности на руските трупи претставуваат сериозна закана, не само за Украина, туку и за стотици милиони Европејци. Затоа го повикуваме Советот за безбедност на ОН да преземе итни мерки за демилитаризација на забранетата зона на нуклеарната централа „Чернобил“ со распоредување специјална мисија на ОН во регионот – вели Верешчук.

Повикот на Киев е во насока на намалување на ризикот од уште една несреќа во Чернобил, оттаму што според украинската вицепремиерка, руските трупи распоредиле огромно количество муниција и оружје во зоната околу реакторот, а истовремено во областа регистрирани се и големи шумски пожари, што според неа, може да има сериозни безбедносни последици.

Министерството за животна средина на Украина во саботата информираше дека на територијата на Чернобил биле забележани вкупно 31 пожари.

Забранетата зона на нуклеарната централа „Чернобил“ е под руска контрола. Во куполата изградена над уништениот реактор во несреќата од април 1986 година и денеска се складира нуклеарен отпад.


Руските сили се повлекле од околината на Киев и од Славутуч, тврдат Украинците

Украинската армија во најновиот извештај објави дека „по претрпените значителни загуби“ руските сили се повлекле од околината на Киев.

Двата баталјони на тактичките единици на руската армија се повлекле во Белорусија, што е карактеристично по големи загуби, се наведува во извештајот.

Исто така се наведува дека е забележано „значително намален интензитет на движење од Русија кон Украина“.

Во меѓувреме, градоначалникот на Чернобил , Јуриј Фомичев објави дека руските војници го напуштиле градот Славутуч, каде беа сместени работниците во нуклеарната централа Чернобил.

Руските сили во саботата ја презедоа контролата врз Славутич и накратко го приведоа градоначалникот. По протестите на жителите на градот, Фомичев беше ослободен.


Киев тврди дека Русија распоредува ракетни системи „Искандер“ во Белорусија

Руската армија подготвува нови ракетни напади врз Украина и тоа од мобилни лансирни рампи во Белорусија, тврди Генералштабот на украинската армија, јави ДПА.

Украинската Служба за воено разузнавање тврди дека ракетни лансирни рампи од типот „Искандер“ се распредени во близина на Калинавичи, во југоисточна Белорусија.

Тврдењата на Киев не се потврдени од независни извори, додава ДПА.

„Искандер“ е мобилен ракетен систем способен да лансира балистички ракети со краток дострел и крстосувачки ракети. Експертите забележуваат дека проектилите после лансирањето исфрлаат т.н. „мамки“ за да ги збунат радарите или системите за противвоздушна одбрана.