ЕСПН ја опиша победата на Македонија како едно од најголемите изненадувања на сите времиња, а слично напиша и Матео Бонети, фудбалски аналитичар: „Се обидувам да не мислам на тоа дека Италија не е на светските првенства од 2014 до 2026 година. Неверојатно. Македонија е едно од најголемите изненадувања во фудбалот“

ФУДБАЛ – РЕАКЦИИ НА СВЕТСКИ МЕДИУМИ ПО ПОБЕДАТА НАД ИТАЛИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2022

Во медиумите низ Европа не стивнуваат коментарите за изненадувачката, сензационална победа на Македонија над европскиот фудбалски првак Италија и елиминацијата од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во Катар.
„Тутоспорт“: „Неееееееее!“ е насловот на првата страница, а под него фотографијата на капитенот Џорџо Кјелини како го теши голманот Џаунлуиџи Донарума. „Газета дело спорт“, со истата фотографија на насловната страница, напиша: „Надвор од Светското првенство“, со тврдење дека селекторот Роберто Манчини ќе мора да размислува за оставка на функцијата. „Кориере дело спорт“: На насловната страница на угледниот весник над фотографијата на која Жоржињо е со главата покриена со дресот беше напишано „Пекол“, а во поднасловот: Манчини: „Огромно разочарување“. „Фудбал Италија“: Повикувајќи се на повеќе извори, веќе го спомнува Фабио Канаваро, поранешниот капитен на „азурите“, светски првак од 2006 година, како можен наследник на Манчини во селекторската функција.
„Би-би-си“: Во извештајот од мечот, „Би-би-си“, меѓу другото, наведува дека европскиот шампион Италија нема да игра на СП откако беше „шокиран“ од Македонија. „Азурите“ сега ја платија цената за непостојаната, иако без пораз, квалификациска кампања, победувајќи на четири и ремизирајќи на четири од осумте натпревари. Македонија за одличната дефанзивна игра беше наградена со плејоф-меч против Португалија, пишува „Би-би-си“.
„Гол“: Фудбалската интернет-страница „Гол“, која објавува вести на 19 јазици, со 38 национални изданија, и со седиште во Лондон, елиминацијата на Италија ја означи како „Катастрофа“.
„Си-ен-ен“: Американскиот „Си-ен-ен“ ја цитира изјавата на Џорџо Кјелини дека фудбалерите на Италија се „уништени и скршени“ откако не успеаја да се квалификуваат за СП. „Ова е огромно разочарување. Многу, многу боли“, изјави играчот од средниот ред, Жоржињо.
ЕСПН, пак, напиша: „Македонија! Едно од најголемите изненадувања на сите времиња. Реалноста е дека Италија нема да игра на Светското првенство!“ На Твитер, Матео Бонети, фудбалски аналитичар, напиша: „Се обидувам да не мислам на тоа дека Италија не е на светските првенства од 2014 до 2026 година. Неверојатно. Македонија е едно од најголемите изненадувања во фудбалот. Се бранеа неверојатно добро. Имаа една вистинска шанса на крајот и ја искористија. Италија се посрамоти во уште еден плејоф за мундијалот“.


ФИФА: Давид против Голијат

Во пресрет на плејоф-мечевите за пласман на Светското првенство (СП) во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница потсети на пет големи изненадувања во квалификациите за некои претходни СП. Така, наведени се по еден меч од пет континенти, кога на СП се пласираа Северна Кореја (СП 2010), Того (СП 2006), Панама (СП 2018), Перу (СП 1970) и Полска (СП 1074). Победата на Македонија влегува во овој ранг, но има и дополнителна тежина, оти елиминиран е актуелен континентален првак, Италија. По мечот, ФИФА на својата интернет-страница објави осврт, со наслов „Дежа ви одново во Италија“, а меѓу другото напиша: „Давид против Голијат се играше во форма на меч Македонија – Италија. Актуелниот европски шампион доминираше на натпреварот, но не можеше да го претвори својот посед во голови. Нападот на ‘азурите’ беше сопрен од одбраната на 67-та селекција на светската ранг-листа. Како што одминуваше времето, заканата од неуспех да се квалификува на второто СП во низа стана реална можност, а Александар Трајковски го комплетира кошмарното сценарио за домашната репрезентација. Македонија уживаше во својот веројатно најдобар резултат досега и ќе има шанса да го надгради својот настап вечерва во финалето на плејофот“.