Македонската телевизија ексклузивно ќе го емитува 94-то доделување на Оскарите в недела, 27 март. Академијата за филмски уметности и науки ќе ги награди најдобрите остварувања во 2021 година. Вестернот „Моќта на кучето“ има 12 номинации, научно фантастичниот спектакл „Дина“ 10, а по седум номинации добија „Белфаст“ и „Приказна од западната страна“.
На Оскаровската церемонија ќе се појават најзначајните имиња од филмската индустрија, од номинираните до презентерите на наградите. Најавени се Ентони Хопкинс, Хали Бери, Кевин Костнер, Џон Траволта, Џејсон Момоа, Џејми Ли Кертис, Лејди Гага, Џејк Џиленхол, Шон Мендез и многу други.
Бијонсе, Били Ајлиш, Риба Мекинтаер и Себастијан Јатра ќе ги изведат номинираните оригинални филмски песни.
Ќе има сегмент посветен на 60 години од првиот Бонд- филм и 50 години од снимањето на филмот „Кум“.
Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс првпат ќе бидат водителки на Оскаровската церемонија.
– Годинава идејата на Оскаровското шоу е да се обединат љубителите на филмот. Затоа и поканивме три од најдинамичните, забавни жени со многу различни стилови во комедијата – вели продуцентот на шоуто Вил Пакер.
Доделувањето на најпрестижните филмски награди во светот, кое ќе се одржи во театарот „Долби“ во Холивуд ќе го пренесуваат преку 200 територии во светот.
Преносот на МТВ ќе започне 30 минути по полноќ, во ноќта недела кон понеделник со Црвената патека. Оскаровска церемонија ќе започне во 2 часот по полноќ.
Скратена снимка од Оскаровското шоу во траење од 2 часа ќе се емитува во вторник во 20.45 на програмата на МТВ.