Македонските херои го предупредија Кристијано Роналдо (37) дека тој и Португалија се следни, откако го елиминираа европскиот фудбалски првак Италија од баражот за пласман на Светското првенство во Катар, пишува англиски „Мирор“ во пресрет на решавачкиот дуел од доигрувањето за Мундијалот помеѓу Португалија и Македонија во Порто, во вторник. Англискиот весник наведува дека синоќешното славје на македонските репрезентативци „не било премногу лудо“, токму поради претстојниот натпревар, известувајќи за нивната радост од Палермо.
Американски „И-ес-пи-ен“ исто така има предупредување за Португалците, наведувајќи „мислите дека Македонија ќе биде лесна? Прашајте ја Италија која ќе го пропушти второто последователно светско првенство откако загуби во Палермо со 0-1 во четвртокот“. „И-ес-пи-ен“ се осврна и на потешкотиите на Португалците во полуфиналниот дуел против Турција (3-1), на кој турскиот напаѓач Бурак Јилмаз пропушти да реализира удар од 11 метри при резултат 2-1 за противникот во 86-та минута.
– Сонот на Роналдо за лебедова песна на Светското првенство во Катар и натаму е жив, но само откако Португалија преживеа во драматичната завршница со промашениот пенал на Бурак Јилмаз – се истакнува во анализата на американскиот спортски магазин.
Ѕвездата на Манчестер јунајтед вчера не успеа да се запише во листата на стрелците, но се посочува дека Роналдо сега е дел од тимот, подредувајќи се на колективната игра на националната селекција, што според „И-ес-пи-ен“ ја прави Португалија посилна.