И покрај огромните напори на локалната власт, на екоорганизациите и на совесните поединци да се справат и конечно да му се стави крај на хаосот од неконтролираното расфрлање ѓубре низ градот, а и на локациите во околината на главниот град, каде што граѓаните се рекреираат и релаксираат на отворено во природа, се чини дека целата ситуација постојано се врти во круг, враќајќи се на состојбата кога луѓето зад себе оставаат смет и нечистотија. Проблемот со отпадоците фрлени од посетителите е постојана и честа главоболка за надлежните, особено кога природата раззеленува, а излетничките места во метрополата на почетокот на сезоната подготвено ги очекуваат своите посетители
СО ДОАЃАЊЕТО НА СОНЧЕВИТЕ ДЕНОВИ, СЕКОЈА ГОДИНА СЕ ПОВТОРУВА ГОРЛИВИОТ ПРОБЛЕМ СО ЃУБРЕТО
Скопје има повеќе атрактивни локации каде што има различни содржини за жителите да се рекреираат, да се релаксираат на отворено, да спортуваат и наедно да дишат чист воздух. За жал, оние неколку што ги имаме и се навистина привлечни за граѓаните, постојано се цел за нашиот неодговорен однос кон животната средина. Наместо да ја чуваме и негуваме, ние загадуваме, дури и како намерно да уништуваме и девастираме. Којзнае дали и воопшто сме свесни дека таквото поведение се рефлектира на нашето здравје, а секако и на имиџот на градот, кој се обидуваме да го изградиме како европски град. И покрај огромните напори на локалната власт, на екоорганизациите и на совесните поединци да се справат и конечно да му се стави крај на хаосот од неконтролираното расфрлање ѓубре низ градот, а и на локациите во околината на главниот град, каде што граѓаните се рекреираат и релаксираат на отворено во природа, се чини дека целата ситуација постојано се врти во круг, враќајќи се на состојбата кога луѓето зад себе оставаат отпад и нечистотија. Проблемот со отпадоците фрлени од посетителите е постојана и честа главоболка за надлежните, особено од малобројните излетнички места во метрополата.
СО ПРОЛЕТТА СЕ ОТВОРААТ СТАРО-НОВИТЕ ПРОБЛЕМИ
Со официјалното доаѓање на пролетта, Скопје ќе има значително поголем број топли и сончеви денови, кои скопјани ќе ги искористат да се рекреираат, да прошетаат со своите семејства. Марков манастир, Скопска Црна Гора, Водно, Кучково, Три круши, Градски парк, кејот на Вардар, Матка се најчестите локации на скопјани, каде што го минуваат своето слободно време. За жал, низ изминатите години се покажа и докажа дека токму на овие локации во пролетните и летните месеци има неконтролирано огромни количества ѓубре, и тоа отпадоци што не се фрлени во канти, туку се разлетани насекаде.
Таква е сликата во кој било период да одите на Водно, во парк или на другите излетнички места. Ако ништо друго, на земјата ќе забележите марамчиња и догорчиња.
Некои од жителите на Скопје велат дека се навикнале на оваа слика и додаваат дека веќе ништо не ги изненадува.
– Со огромно жалење можам да кажам дека од нас метропола никогаш нема да биде. Од нас, жителите на Скопје, бидејќи ние сме тие што најмногу и загадуваме. На Водно одам секој викенд со моите деца и тоа што можам да го видам таму е трагедија. Прекуден цели семејства ручаат на летниковците, а никој не си го собира ѓубрето. Оставаат на масите и на клупите ѓубре од храната, ќеси полни со отпадоци, пелени, влажни марамчиња… Тоа е така постојано, за оние што редовно одат на Водно, ова не е никаков новитет – вели Данче Стојановска.
Дополнително, таа додава дека критични се и вечерните часови, бидејќи голем број возила се упатуваат на Водно и навечер.
– Има голем број скопјани што не го сакаат дневниот метеж, па на Водно изминатиот период се качуваа во попладневните и вечерните часови, кога фреквенцијата на луѓе е многу мала. Тоа најчесто се млади луѓе што се дружат на видиковците од кои се гледа целиот град. Е, тука, на тие локации, ќе видите шишиња од алкохол, лименки од пиво, лушпи од сончоглед, од разни грицки што ги користеле како „мезе“ при забавата – вели таа.
Според скопјани, сликата не е ништо подобра ниту на другите излетнички места во градот. Изминатото лето имаше застрашувачки фотографии од Матка, каде што контејнерите беа преполни, па ѓубре се фрлаше и секаде наоколу, слично беше и на „Марков манастир“, локација што скопјани ја користат за да направат скара на отворено и да поминат еден целодневен излет покрај Маркова Река, која, пак, за жал, со себе носи разни отпадоци.
ПОЛНИ КАМИОНИ ЃУБРЕ
И којзнае по кој пат, огромно количество отпад изминатата недела беше исчистено од Водно. Големиот број црни ќеси полни со отпадоци покажуваат дека на посетителите ниту им проработела свеста ниту, пак, има некаква надеж дека таа ќе проработи. Проблемот со отпадот продолжува да постои како упорен чир на општеството, кој никако не се лекува.
– Екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ изминатава недела исчистија големо количество отпад од парк-шумата Водно. Со подобрувањето на временските услови и зголемената посетеност на парк-шумата Водно, се зголемува и количеството отпадоци фрлени од несовесни посетители – информираа од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во рамките на оваа акција на ЈП „Паркови и зеленило“ собрале четири полни камиони со отпадоци, и тоа кај набљудувачницата пред Средно Водно, кривината кон патот за Сончев Град и на малиот паркинг.
– Апелираме до граѓаните да се грижат за природата, да го фрлаат отпадот во најблиската канта за отпадоци и да го одржуваме Водно чисто – велат надлежните.