Министерството за здравство со поддршка од Светска здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ од понеделник почнува со караван за вакцинација против ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници низ државата, соопшти Минитерството за здравство. На секое од овие места, согласно распоредот, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот Мој Термин.
– Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од ковид-19, во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита – се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Покрај активностите од караванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата.
Статистичките податоци покажуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализации и смртни случаи, предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата, така што со овој караван целта е да ја приближиме можноста за вакцинирање до сите категории граѓани кои досега не се вакцинирале.
Вакцините кои се користат се сигурни и безбедни, и здравствените домови располагаат со доволни количини вакцини. Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата, се заклучува во соопштението од министерството
Распоред со локации кои се вклучени во организираниот караван
21 март од 11 до 15 часот – Шуто Оризари, плоштад
22 март од 12 до 16 часот – Кратово, плоштад
23 март од 12 до 16 часот – Радовиш, плоштад
24 март од 12 до 16 часот – Струмица, плоштад
25 март од 12 до 16 часот – Ново Село (Струмица), на пазарот
26 март од 11 до 15 часот – пред Ист Гејт Мол во Скопје
27 март од 11 до 15 часот – Куманово, плоштад
28 март од 12 до 16 часот – Липково, паркинг во село Матејче
29 март од 12 до 16 часот – Арачиново, до поштата
30 март од 12 до 16 часот – Чучер Сандево, во ОЈУ Партизански дом во село Сандево
31 март од 12 до 16 часот – Зелениково, во дворот ОУ „Марко Цепенков“
1 април од 12 до 16 часот – Врапчиште, Дом на култура во село Неготино
2 април од 11 до 15 часот – Кичево, Дом на култура
3 април од 11 до 15 часот – Струга, Ново Шеталиште