Украинскиот конфликт го означува најтешкиот тест за мултилатерализмот од крајот на Студената војна, а целосниот обем на неговото влијание врз меѓународната дипломатија сè уште е нејасно. Но сè уште е можно да се зачуваат значајни делови од меѓународноправниот систем, односно владеењето на меѓународното право и на универзалните и општочовечки вредности, содржани во основните документи на ООН, ОБСЕ, Советот на Европа, односно во принципите на меѓународното право
Меѓународните мултилатерални организации сѐ потешко ја извршуваат својата мисија
Кон крајот на февруари оваа година, амбасадорот на Кенија во Обединетите нации, Мартин Кимани, во својот говор пред Советот за безбедност на ОН, во врска со тогаш „можниот конфликт во Украина“, пророчки предупреди дека „мултилатерализмот вечерва лежи на смртна постела“. Иако тогаш многу од дипломатите во салата на СБ на ОН со скриен потсмев и сомнеж го пречекаа ова предвидување, другиот дел со неверување и страв ја прифати оваа храбра констатација на кенискиот амбасадор, всушност дека навистина работите се движат во таа насока. Имено, меѓународните организации веќе немаат сила да ги применуваат, практикуваат, па и бранат принципите што во светски рамки значат: мир, меѓусебно почитување и уважување, рамноправност на нациите во функција на општ просперитет и благосостојба.
Мултилатералата во нокдаун
Од тој момент, работите во ООН како да тргнаа побрзо по надолна линија. Дипломатијата на ОН влезе во критична состојба на „врзани раце“. Русија процедурално го блокира Советот за безбедност (СБ) за да може да преземе каква било акција како одговор на нејзината „специјална воена операција“. На 2 март, Генералното собрание на ОН усвои резолуција во која се жали за дејствата на Русија со 141 глас за и пет против, а Москва доби поддршка од Белорусија, Северна Кореја, Еритреја и Сирија. Руските сили продолжија со својата операција.
Токму ова беше „капката што ја прели чашата“, а се заканува да направи долгорочна штета на ОН. Ако непријателствата се одолжат во Украина, или Москва на неодредено време остане во Украина како што планира, тогаш на Русија и на САД ќе им биде многу тешко, или едноставно невозможно, да соработуваат за други кризи преку Советот за безбедност на ОН. Токму ситуацијата во Украина предизвика длабоки тектонски поместувања во ОН и пошироко.
Во Њујорк дури и во академските кругови почна да се зборува за реформирање на основниот документ на ОН, односно Повелбата, за да се спречат постојаните членки на Советот за безбедност да го користат своето вето (во овој случај Русија) за да ги заштитат своите „стратегиски интереси“ во иднина, а кои не се во согласност со принципите на меѓународното право. Но овие потези, според некои анализи, речиси се невозможни да се спроведат. Имено, Русија може да ги блокира и реформите на Повелбата на ОН и сите напори за нејзино протерување, според правилата утврдени во самата повелба. И иако „играњето“ со правилникот на ОН може да изгледа паметно, тоа нема да му даде на Советот за безбедност дополнителна вистинска моќ над Русија – или, да бидеме реални, над другите нуклеарни сили – во идна криза. Наместо да се принудуваат драматични реформи во ОН, многу е поверојатно војната во Украина да го забрза веќе постојниот пад на улогата на организацијата во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност.
Изгубена вербата во способноста на мировните операции на ОН
Зголемените тензии меѓу Кина и Русија, од една, и САД од друга страна, силно влијаеја на Советот за безбедност. Трите сили постојано паѓаа во конфликт поради војната во Сирија, што беше предмет на 17 руски вета од 2011 година. Москва го спречи Советот за безбедност да го осуди неговото заземање на Крим во 2014 година. Минатата година, ОН не одговорија соодветно на државните удари во Мјанмар, а за војната во Етиопија, ОН не одговорија со ништо повеќе, туку со обични изјави за загриженост.
Ривалството меѓу големите сили не е единствената причина за одметнување во ОН. Западните влади ја изгубија вербата во способноста на мировните операции на ОН, како оние во Мали и Демократска Република Конго, да ги стабилизираат слабите држави. Африканските и азиските членки на Советот за безбедност се обидоа да ја ограничат улогата на ОН во нивните соседства, тврдејќи дека регионалните тела како што се Африканската унија и Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија наместо тоа треба да се справуваат со кризи. Сепак, тензиите меѓу овластувањата за вето на Советот за безбедност фрлаат долга сенка врз ОН многу пред ескалацијата во Украина. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во 2019 година предупреди дека односите меѓу Кина, Русија и Соединетите Американски Држави „никогаш не биле толку нефункционални како што се денес“.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден стапи на функција со изјави на надеж дека ќе направи сѐ за да ја подобри соработката со Русија преку ОН. Минатата година, американските официјални лица водеа дипломатски дијалог со Москва да го продолжи мандатот на Советот за безбедност. Па така, хуманитарната помош на ОН за делови од Сирија, кои не се под контрола на Владата, пристигна дури откако Бајден го отвори ова прашање директно со рускиот претседател Владимир Путин на нивниот јунски самит во Женева, а Москва се согласи да го обнови мандатот.
Ќе биде тешко за американските и европските дипломати да соработуваат со Русија ако конфликтот во Украина се одолжи
Во ОН во Њујорк, дипломатите се загрижени дека „Украина ќе ги отежни или оневозможи преговорите за други прашања“. Но можеби дефектот не е неизбежен?!
На пример, уште од 2014 г. и несогласувањата на САД и на Русија околу Крим, кога Русија навлезе на стратегискиот полуостров на Црно Море, други прашања (како што беа мировниот договор во Африка или иранскиот нуклеарен договор) – не замреа.
Има и други посвежи примери од оваа година. На пример, во деновите веднаш по руското навлегување во Украина, дипломатите на Советот за безбедност уште еднаш се обидоа да продолжат со редовната работа на други теми. Русија и САД потпишаа изјава со која ја одобруваат континуираната хуманитарна помош за Сирија, иако Франција на крајот ја блокираше со образложение дека сега не е моментот да се заземат заеднички позиции со Москва. Кон крајот на февруари, Советот за безбедност донесе резолуција за продолжување на санкциите кон Јемен. Дипломатите велат дека другите рутински работи, како што е претстојното обновување на мандатот за мировниците на ОН во Јужен Судан, ќе продолжи како порано. Далеку од ОН, Соединетите Американски Држави и Русија успеаја да продолжат да се координираат за разговорите во Виена за ревитализација на иранскиот нуклеарен договор, иако Москва бараше САД да обезбедат гаранции дека западните санкции врз Украина нема да 7 наштетат на идната руско-иранска трговија.
Но членовите на советот приватно признаваат дека ќе се борат да го одржат бизнисот како и обично многу подолго. Ова не е нужно затоа што руските дипломати ќе го искористат своето вето за прашања што не се поврзани со Украина за да добијат поени. Всушност, тие може да ја задржат отворена можноста за соработка за проблеми во места како Авганистан или Јемен да изгледа разумна. Но ќе биде тешко за американските и европските дипломати да соработуваат конструктивно со нивните руски колеги доколку има долга војна во Украина, особено ако Западот ги задржи санкциите кон Москва. Дури и ако, по некое чудо, Русија се повлече од Украина релативно брзо, ќе треба долго време да ја врати довербата во ОН.
Агендата на Советот за безбедност во опасност
Некои точки од агендата на Советот за безбедност изгледаат особено веројатно дека ќе пропаднат поради тензиите меѓу Русија и Западот. Во Либија, судирите меѓу Москва и силите на НАТО – веќе длабоко вплеткани во фракционерската политика на земјата – би можеле барем да ги ослабат напорите на ОН за одржување на мировниот договор од 2020 година на вистинскиот пат. Друга очигледна потенцијална точка на согорување би можела да биде годишната резолуција на ОН со која се одобрува присуството на мировниците на Европската Унија во Босна и Херцеговина. Голема неизвесност е како ќе маневрира Кина во ОН во наредните месеци. Кина и Русија тесно соработуваа во Советот за безбедност, координирајќи се наспроти западните иницијативи, за конфликти како што е граѓанската војна во Етиопија. Но Кинезите заземаа специфичен став за време на украинската криза, воздржувајќи се за резолуциите за војната во Советот, Генералното собрание и Советот за човекови права. Пекинг инвестираше во мировните сили на ОН во Африка и, најверојатно, ќе сака да ги заштити мандатите за операции на сините шлемови во земјите каде што има економски или енергетски интереси, како што се Демократска Република Конго и Јужен Судан. Но еднакво е малку веројатно дека ќе ги прекине врските со Русија во областите каде што има интерес, како што се Северна Кореја и Мјанмар.
Советот за безбедност на ОН ќе се соочи со период на зголемена парализа?!
Иако западните дипломати и нивните руски колеги ќе се соочат со сè поголеми пречки за соработката, ОН сè уште имаат своја вредност како рамка за справување со кризи. На пример, ОН сѐ уште имаат специфична тежина како мултилатерална организација во процесот на решавање, со на пример на растечката хуманитарна катастрофа во Авганистан и приоритетите за неширење, вклучувајќи и заживување на иранскиот нуклеарен договор.
Во Авганистан, агенциите за помош на ОН и политичките службеници имаат клучна улога. Овој месец, членовите на Советот за безбедност преговараат за нов мандат за мисијата на ОН за помош во Авганистан, која треба да ја координира оваа помош. Овие разговори се тешки и ќе беа такви без оглед на конфликтот во Украина.
Со оглед на тоа што Советот за безбедност се соочува со период на зголемена фрагментација и парализа, САД и нивните сојузници ќе треба да видат кои делови од системот на ОН сè уште можат да ги користат за да ја ограничат меѓународната нестабилност. Украинскиот конфликт го означува најтешкиот тест за мултилатерализам од крајот на Студената војна, а целосниот обем на неговото влијание врз меѓународната дипломатија сè уште е нејасно. Но сè уште е можно да се зачуваат значајни делови од системот на ОН за да се соочиме со идни кризи.