Традиционална крводарителска акција, која ја организира општинската организација на Црвен крст, во пресрет на 17 март – Денот на крводарителството, се одржа денеска во фоајето на Народниот театар во Битола.
На денешната крводарителска акција, присуствуваше и крводарителот со најголем број крводарувања во Битола, Менде Гроздановски, кој со својата 57-годишна возраст, даруваше крв по 141-ви пат.
Крводарителите ги позрави градоначалникот Тони Коњановски, кој им се заблагодари за нивната хуманост со која придонесуваат за спасување на многу човечки животи, изразувајќи верување дека нивниот пример ќе продолжат да го следат многу млади луѓе.
Градоначалникот Коњановски, ги посети и штандовите на кои волонтерите од Црвениот крст презентираат дел од своите активности, а обезбедуваат и бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок на граѓаните.
Вечерва, во Народниот театар во Битола, по повод Денот на Црвен крст на Македонија и одбележувањето на 77 години активна работа, Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Битола, организира театарска претстава насловена „Одам на лов”.
Цената на влезниците е 100 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
М.М.