Фото: Игор Бансколиев

Пријавувањето за купување билети (до 15 март) може да се направи електронски. Билетите што ги нуди ФФМ се во секторот на стадионот во Палермо за гостински навивачи, а цената на еден билет е 12 евра. Мечот Италија – Македонија е на 24 март

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Навивачите што ќе сакаат да ја бодрат македонската фудбалска репрезентација на натпреварот со Италија, во Палермо, на 24 март, за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар, од денеска до 15 март ќе можат да се пријавуваат за купување билети, информира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница.
Победникот од таа полуфинална плејоф-средба ќе игра на 29 март на гости кај победникот на мечот Португалија – Турција, а победникот, пак, на тој финален бараж-дуел ќе настапи на Светското првенство во Катар, во ноември и во декември.
Пријавувањето за купување билети може да се направи преку електронската најава на е-адреса на која заинтересираните ќе аплицираат за купување билети (два или најмногу четири). Доколку има можност за купување, на адресата на е-поштата од која е испратено барањето се добива код за пристап до посебен линк.
Кодот за пристап и можноста за купувањето билети се ограничени, според регулативата за следење на фудбалските натпревари во услови на пандемија и регулативата за број на билети за гостински навивачи, пишува ФФМ. Билетите што Фудбалската федерација на Македонија има можност да ги понуди се во секторот на стадионот во Палермо за гостински навивачи, а цената на еден билет е 12 евра.
Македонските навивачи што ќе патуваат за Палермо мора да ги почитуваат и регулативите на италијанските власти во услови на пандемијата на ковид-19, пишува ФФМ.