Во „Салонот 19:19“, при Културно-информативниот центар во Скопје, вечерва со почеток во 19.19 часот ќе почне промоцијата на најновата книга „Поетски (ре)визии“ од Владимир Мартиновски, во издание на „Магор“. Промотори се професорките Весна Томовска и Ана Мартиноска.
„Поетски (ре)визии“ е збирка од 33 студии, огледи и осврти за поезијата, која има навидум едноставна цел: преку компаративни анализи и толкувања на книги, песни и поетички стратегии од поети од различни епохи и поетски традиции да укаже дека творечкиот чин секогаш и на различни начини повикува на креативни визии и ревизии.