Од вкупно 100 мапирани граѓани во Украина, 50 се веќе извлечени и уште толку треба да се евакуираат. Од овие 50 останати не се сите наши државјани, и се очекува денеска поголем дел од нив да ги евакуираме, информира на денешниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од тие 50, како што информира тој, 20 се во Киев, 20-ина се во други градови низ Украина.
– Продолжуваме со активностите. Околностите се менуваат континуирано на терен. Нашите очекувања се дека ќе се влошат околностите уште повеќе, меѓутоа мораме во такви околности да најдеме начини да ги евакуираме нашите граѓани и тоа е наш прв и најважен приоритет секој од нив да го извлечеме, меѓутоа безбедно – рече Османи.
Очекуваат денеска да ги извлечат останатите ОБСЕ монитори од Украина.
– Има едно семејство со петдневно бебе во Харков каде се одвиваат најголемите воени дејствија во моментот. Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување којшто се случил неколку дена пред руската инвазија – информира Османи.