Францускиот претседател Емануел Макрон е во постојана комуникација со украинскиот колега Володимир Зеленски, пофалувајќи го за неговото големо чувство за одговорност, напиша шефот на француската држава на својот фејсбук-профил.
Тој остварил телефонски разговор и со рускиот претседател Владимир Путин, повторувајќи му го барањето на меѓународната заедница за прекин на руската офанзива против Украина, и инсистирал на потребата веднаш да се воспостави прекин на огнот.
– Откако започнаа разговорите меѓу руската и украинската делегација, побарав од него да ги прекине сите напади и нападите врз цивили и населени места, да ја зачува целата цивилна инфраструктура и да ги обезбеди главните патишта – напиша Макрон на Фејсбук, додавајќи дека Путин ја потврдил својата подготвеност да се посвети на овие точки.
Францускиот лидер побарал почитување на меѓународното хуманитарно право и заштита на цивилното население, како што е испораката на помош. Во врска со ова, Франција поднесе резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации.
– За да се спречи влошување на ситуацијата, му предложив на претседателот Путин да останеме во контакт во наредните денови и ќе продолжиме со нашите дискусии – истакна Макрон.