Две години откако во земјава беше регистриран првиот случај на ковид-19.
Денес, вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава е 296.229 лица. Битката со вирусот ја изгубија 8.981, а бројот на активни случаи изнесува 4.644.
Министерот за здравство Беким Сали најави дека од следната недела и преку матичните лекари ќе се испраќаат покани до ризичните групи на граѓани со цел тие да се вакцинираат.
– Моментално како најризична група ги гледаме граѓаните над 70 години, како и оние под 70 години со коморбилитети. Затоа од следната недела преку матичните лекари ќе испраќаме покани за вакцинација на оние граѓани кои се во потенцијален ризик, изјави вчера Сали за централниот дневник на телевизија „Сител“.
Се надева дека овие покани ќе резултираат со голем одѕив за вакцинација против ковид-19.
-Како Министерство уште од самиот почеток водиме полиберална форма на политика против ковид кризата, затоа што сметаме дека секој поединец има право да одлучи дали ќе се вакцинира или не. Иако сметаме дека во некои околности би требало да инсистираме на вакцинација. Не велам тоа да биде рестриктивно, задолжително, меѓутоа треба да инсистираме, рече Сали, додавајќи дека засега вакцинацијата е единствениот начин на заштита и дека штити од потешка форма на болеста.
Во однос на рестриктивните мерки, рече дека засега остануваат сертификатите како задолжителна обврска во моловите и угостителските објекти затоа што процентот на имунизација во земјава е се уште низок за да може да се размислува за вакви олеснувања.
Во светот во изминативе седум дена се забележува опаѓање на бројот на заразени од ковид-19.
Глобално за 16 проценти е помал бројот на заразени, а за осум отсто е намален бројот на починати. Во Европа, пак, во последната седмица се регистрирани за 21 процент помалку нови ковид-случаи, а за шест отсто помалку починати.
Од почетокот на пандемијата од Ковид-19 во светот вкупно се заразени 431 милион лица, а починале речиси шест милиони.