Лидерот на ДУИ Али Ахмети, придружуван од министри во македонската влада, од редовите на партијата денеска во Тирана оствари средба со албанскиот премиер Еди Рама.
Ахмети за средбата објави на фејсбук, а до попладнево од Кабинетот на Рама сè уште нема никаква информација.
– Ти благодрам за се Еди. Со поглед кон хоризонтот на перспективата за интеграција во Европската Унија и со цел продлабочување на соработката меѓу нас, денеска во Тирана братски се сретнавме со премиерот на Република Албанија, Еди Рама – напиша Ахмети.
Додава дека во фокусот на средбата била „меѓуинституционалната координација за најефикасните проекти за инфраструктурна интерконекција меѓу нас“, како што се: Коридор 8, железничко поврзување по него, Руга е Арбрит („Патот на Арбр“ автопатот од Тирана до преминот Блато, кај Дебар), полесен пристап преку нив до пристаништето Драч, заеднички гранични премини, енергетска врска Битола – Елбасан и многу други.
Разговаравме, наведува тој во објавата, и за дијалогот со Бугарија и за очекувањата за деблокирање на нашиот заеднички европски пат.
– Како земји-членки на НАТО, изразивме загриженост за ескалацијата на ситуацијата во Украина, осудувајќи го нарушувањето на нејзиниот територијален интегритет и повикувајќи на мир и рационален дијалог меѓу страните – стои во објавата на Ахмети на фејсбук.