Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, за руската државна телевизија изјави дека нападот на Украина утринава „не е почеток, туку крај на војната“.

– Прво, ова не е почеток на војната. Тоа е многу важно. Се обидуваме да го спречиме развојот на настани кои би можеле да ескалираат во светска војна. И второ, ова е крајот на војната – рече Захарова.

Би-би-си објави дека руските медиуми ја „покриваат“ воената операција од друга перспектива. Поголемиот дел од медиумите во Русија се контролирани од државата – што на некој начин објаснува зошто телевизиските канали во земјата ја прикажуваат операцијата како чин на самоодбрана, чија цел е исклучиво да ја исфрли војската на Украина.

Многу канали цитираа изјава на Министерството за одбрана во која се нагласува дека се користи „високопрецизно оружје“ против локациите на украинската војска, без закана за цивилите.

Официјалната државна телевизија „Россија 1“ го започна информативниот билтен велејќи: „Денеска Русија започна специјална воена операција чија цел е да ги заштити луѓето кои во последните осум години беа изложени на злоупотреба и геноцид од режимот во Киев“.