Лидерите на земјите членки на НАТО утре ќе се состанат на вонреден самит преку видео врска, а денеска на амбасадорско ниво е донесена одлука дополнително да се зајакне присуството на Алијансата во источниот дел и да се зголеми воената подготвеност, јави дописничката на МИА од Брисел.
За ова попладнево информираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата на Северноатлантскиот совет во седиштето на Алијансата во Брисел.
Столтенберг уште еднаш во име на сите 30 земји членки го осуди рускиот напад врз Украина на најостар можен начин, нарекувајќи го нападот „брутален чин на војна“.
-Ова е страшен миг за безбедноста во Европа – рече генералниот секретар, додавајќи дека целта на Кремљ е да ги врати своите сфери на влијание и да ја ревидира историјата.
На состанокот утрово земјите членки на НАТО одлучија да го зголемат бројот на воени сили во источниот дел од Алијансата сѐ до Медитеранот и да ги активираат одбранбените планови, со што воената команда ќе добие поголема слобода да ги распоредува и движи воените сили, но во политички усогласени рамки, објасни генералниот секретар.
Сепак Столтенберг инсистираше дека трупи во Украина нема да бидат испратени од страна на Алијансата.
-Нема трупи на НАТО во Украина и нема намера за испраќање трупи, го зголемивме нашето присуство во источниот дел од територијата на НАТО. Украина е високо вреднуван партнер на кој му помагаме да изгради поспособни помодерни сили, кои ги обучуваме и опремуваме – рече шефот на Северноатлантската Алијанса.
Тој додаде дека воените сили во Украина се многу поспособни од 2014 кога се случи првата руска инвазија во Украина.
Столтенберг исто така увери дека директен судир помеѓу Русија и НАТО нема да има затоа што НАТО е најсилниот воен сојуз во светот, и дека принципот на солидарност помеѓу земјите сојузнички е цврст – напад врз било која земја членка на НАТО ќе се смета за напад врз сите и ќе предизвика силен одговор.
-Нашето зголемено присуство на истокот е за да се осигуриме дека нема да се прошири на територијата на НАТО, додека Русија знае дека напад ќе предизвика одговор од сите, таа нема да нападне затоа што сме најсилниот сојуз во историја, ова е најдобар начин да се спречи прелевањето на оваа трагедија – изјави Столтенберг.
Генералниот секретар порача дека од денес повеќе Европа нема да биде иста и дека започнува нова реалност.