Фото: Игор Бансколиев

Деновиве под лупа на јавноста е споменувањето на некаков нов сеопфатен договор што Македонија ѝ го понудила на Бугарија, а со кој македонската страна сака со еден потег еднаш засекогаш да ги затвори сите отворени прашања со Бугарија. Во отсуство на конкретни информации што точно содржи овој нов сеопфатен договор се наметнува дилемата дали е тоа излез кон конечно решение или можеби нова замка околу прашањата за идентитетот, јазикот и историјата

Во напорите за изнаоѓање решение за надминување на бугарската блокада, деновиве високи државни функционери излегоа со изјави дека Македонија ѝ понудила на Бугарија нов сеопфатен договор за сите отворени прашања, без да прецизираат детали од договорот. Токму таа прагматичност, но истовремено и мистичност со еден потег да се решат сите отворени прашања ја изненади и заинтригира македонската јавност, која се прашува што точно значи и се подразбира под терминот сеопфатност на договорот.  Дали е тоа излез кон решение или можеби нова замка околу прашањата за идентитетот и јазикот?
Повеќе од јасно е дека во овој момент Македонија нема друга алтернатива, освен да преговара со Софија ако сака да ја оствари поставената цел – преговори, а потоа и членство во ЕУ, но истовремено мора да води сметка и да ги штити своите национални интереси, кои не смеат да бидат предмет на никакви компромиси.
Во таа насока под лупата на јавноста е и новиот сеопфатен договор што Македонија ѝ го понудила на Бугарија, а со кој македонската страна сака еднаш засекогаш да ги затвори сите отворени прашања со соседната земја и повеќе да нема никакви пречки или нови условувања во текот на преговорите.
– Наше е барањето да има еден сеопфатен документ со кој ќе се затворат сите политички прашања со Бугарија, со чие решавање тие ќе се затворат еднаш засекогаш – изјави неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи, без да прецизира што сè е опфатено во тој договор што македонската страна ѝ го нуди на Софија.
И додека дипломатијата ги користи тајните канали да ги прецизира точките во овој договор, јавноста е во дилема дали споменатиот сеопфатен договор е веќе познатиот „5+1“ или, пак, станува збор за некаква негова надградба врз „бугарски темели“. Или можеби појдовна точка и темел на таквиот иден сеопфатен договор се токму јасно утврдените позиции и усвоената резолуција во македонското собрание, која беше поддржана од сите пратеници.
Она што е единствено јасно е дека овој сеопфатен договор мора да биде во согласност со резолуцијата изгласана во македонското собрание и поддржана од сите политички чинители во земјава. Истовремено, ваквиот договор во ниту еден дел не смее да излегува надвор од меѓународното право, на кое сите земји во последно време особено се повикуваат и инсистираат.

Ако македонскиот преговарачки тим се држи до овие рамки, тогаш нема сомнеж дека овој сеопфатен договор би бил прифатлив за Македонија, а нема причини тој да не биде прифатлив и за соседна Бугарија, во чиј интерес е двете соседни земји да ги надминат повеќедецениските недоразбирања и конечно да почнат да функционираат како блиски и искрени пријатели.
Од друга страна, ако овој документ би се однесувал и на условите и тезите наведени во декларацијата усвоена во бугарскиот парламент во октомври 2019 година, тогаш тој не е прифатлив ниту за Македонија, а уште помалку за ЕУ. Токму Унијата е таа што постојано инсистира на почитување на меѓународното право и европските критериуми и не смее да толерира хегемонистички и шовинистички пројави на сопствена почва, најмалку кога тие доаѓаат од нејзина земја-членка. Зашто токму барањата и условите утврдени во бугарската декларација за Македонија ги содржат сите елементи на кои Европа се противи, како кршење на меѓународното право, погазување на европските критериуми за членство и демонстрација на хегемонизам и шовинизам во 21 век.
Дипломатот Драган Јањатов е внимателен околу овој таканаречен сеопфатен договор, нагласувајќи дека бугарската страна ништо не испочитувала и досега и ќе гледа и од ова да профитира.

– Потребно е главните спорни прашања да се стават на маса и да се решаваат отворено и транспарентно, во присуство на функционери од Брисел. Нам не ни се потребни договори, туку решенија – истакнува Јањатов.
Според него, резолуцијата во македонското собрание и инсистирањето на почитување на меѓународното право би имале ефект ако Бугарија го почитува тоа.
– Ние немаме начин како да ја обврземе Бугарија да го почитува меѓународното право. Да го почитуваше, немаше да ги имаме овие проблеми сега – категоричен е Јањатов, истовремено предупредувајќи на внимателност во преговорите со бугарската страна и отстранување на секаква можност Македонија на крајот да биде доведена пред свршен чин.


Премиерот Ковачевски со јасни ставови

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски изминатиот период во неколку наврати изјави дека во преговорите со Бугарија нема да се отстапи од позициите утврдени со резолуцијата во македонското собрание, во кои јасно е посочена засебноста на македонскиот народ и неговиот јазик.
Ваквите изјави особено имаат тежина затоа што доаѓаат од премиерот на државата, кој е должен да ги почитува и брани националните позиции, истовремено да ги расчисти сите сомнежи во јавноста.
– Позициите на Република С. Македонија во однос на единството, како внатре во државата така и надвор од државата во меѓународната политика, се многу јасно и чисто дефинирани во нашето уредување и исто така многу се јасно позиционирани во рамките на декларациите и резолуциите коишто се носени во нашето собрание и на коишто ние се придржуваме и со тоа можам да ви кажам дека ние комплетно стоиме зад ставовите коишто се изградени во Собранието на РСМ – повтори во неколку наврати изминатиот период премиерот Димитар Ковачевски.