Триумфалниот пат на трибунот во прифаќањето и величањето на неговите книжевни (уметнички) остварувања надмоќно се издвојува од слепите улици што неретко го запираат приемот на делата на забифтаниот хронистерик или од споредните врвулици што кловнот писател е принуден да ги пронаоѓа за евентуално да излезе (или не) на главниот пат. Привилегираноста на трибунот се подразбира, во една книжевна епоха само едно место е резервирано за него (за разлика од голем број негови современици хронистерици и кловнови), а кога тој ќе го заслужи, староста го сочекува на престолот на почестите и славата.
Но тоа го видовме со примерот на стариот Сартр, сето тоа општо внимание и почит, не му обезбедува славобитничка, исполнета старост. Дури и кога неговата творечка енергија продолжува да му дарува дела од висок уметнички ранг, како кај Верди за кого пишува Симон де Бовоар во цитираната, обемна студија „Старост“. Во осмата деценија од животот, Верди ги компонира „Дон Карлос“, „Отело“, „Фалстаф“, сам ги води пробите, оперите доживуваат величествени успеси, освен тоа, музички, тие се меѓу неговите најценети дела, особено „Отело“, што се оценува како исчекор во оркестрацијата (изградена врз либретото на Боито, инспирирано пак од големата Шекспирова драма), со моќна музичко-драматична експресија. Верди, пишува Бовоар, „славен во целиот свет, тој во Италија беше некој вид национален споменик: секогаш кога ќе се појавеше во театар, на некој концерт, или дури на улица, воодушевено е поздравуван“.
Но овој креативен, убав, здрав, успешен трибун, староста го правела таговен и уморен. По повод на својот 72. роденден, забележал: „Денес е ужасен ден: имам 72 години. Како брзо поминаа, наспроти сите тие тажни или весели настани, наспроти сите тие претерувања, преумарања… Пред неколку години ми се чинеше дека сум доволен сам на себе, дека никој не ми е потребен. Вообразеник! Почнувам да сфаќам дека сум… многу стар“. Ги пишува „Pezzi sacri“, четирите религиозни композиции што, како и оперите создадени во староста, се прифатени со овации. Но губењето на Џузепина Стрепони сосема го осамува. Со Џузепина, врвна сопранистка во оперите на Белини, Доницети, Росини, со мека боја на глас, извонредна техника и бурен љубовен живот, Верди се врзува уште на почетокот на кариерата, кога таа настапува во неговите први дела, потоа со следните години, кога останува млад вдовец, нивната врска се продлабочува во, за тоа време, невообичаена здруженост: тој ѝ се придружува во Париз, се враќаат заедно во Италија и живеат, како невенчана двојка, дванаесет години, а потоа, во брак, до нејзината смрт. По неотповикливо заминување на саканата жена, Верди губи интерес за иднината.
Навидум, делува впечатливо за својата возраст. „Облакот бела коса му се спојува со брадата, образувајќи ореол. Висок, исправен, тенок, додека чекори се вртат по него; брзо зборува и итро се сеќава на имињата и датумите; остроумен е кога ги изложува своите идеи за уметности“, го опишува еден воодушевен современик. Но забележано е дека на портретите неговиот поглед е меланхоличен, дури тажен. Како своите последни опери, најдобрите, да ги напишал без радост.
Старецот Верди стигнува уште да ја финансира изградбата на Домот за стари музичари во Милано, што и ден-денес ги згрижува музичарите постари од 65 години. Каде што е и гробот на композиторот и на Џузепина.
Автор:Александар Прокопиев
(продолжува)