На олимписките хокеарски турнири, кои се играат од пред 102 години, само репрезентации од Европа беа меѓу најдобрите четири на ЗОИ во 1976-та, 2006-та и годинава, а на уште четири игри медалите ги освојувале само европски селекции

ХОКЕЈ НА МРАЗ ЗА МАЖИ

Само третпат во историјата на натпреварите во хокеј на мраз на олимписки игри, кои се одржуваат од 1920 година (таа година во рамките на Летните олимписки игри во Антверпен, а од 1924 година секогаш во рамките на зимски олимписки игри), полуфиналистите се само репрезентации од Европа. Полуфиналните двојки на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг на машкиот хокеарски турнир се Словачка – Финска (0-2) и Русија – Шведска (синоќа). Натпреварот за третото место е предвиден за денеска, а финалето е закажано за утре.
Од 1920 година се одиграни 24 хокеарски турнири. Само европски селекции беа меѓу најдобрите четири репрезентации и на ЗОИ во 1976 година во Инсбрук (пласман на првите четири селекции: СССР, Чехословачка, З. Германија и Финска) и во 2006 година во Торино (Шведска, Финска, Чешка и Русија).
На ЗОИ 2022 медалите во хокеј ќе ги освојат репрезентации од Европа, а тоа, покрај во 1976 и во 2006 година, се случи уште четири пати, и тоа во 1964 година во Инсбрук (пласман: СССР, Шведска и Чехословачка), 1984-та во Сараево (СССР, Чехословачка и Шведска), 1988-та во Калгари (СССР, Финска и Шведска) и во 1998 година во Нагано (Чешка, Русија и Финска). Во сите четири случаи четврта беше репрезентацијата на Канада, која има најмногу олимписки медали во хокеј на мраз, вкупно 16 (девет златни, четири сребрени и три бронзени).


САМО ЕВРОПСКИ СЕЛЕКЦИИ ВО ПОЛУФИНАЛЕ ВО ХОКЕЈ НА ЗОИ

ЗОИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
1976 пласман: СССР, Чехословачка, Германија, Финска
2006 пласман: Шведска, Финска, Чешка, Русија
2022 полуфиналисти: Словачка, Финска, Русија, Шведска