Матичните лекари утре ќе протестираат, најавувајќи дека утре не планираат да издаваат рецепти, ниту упати од „Мој термин“, додека ќе примаат само итни случаи. Велат дека итно бараат основен пакет на услуги за пациентите, зголемување на капитацијата, како и да нема казни за матичните лекари за административни пропусти во пандемија.
Матичните бараат и воведување на минимална партиципација. Тие предлагаат да се плаќа 50 денари за прв влез во месецот, а останатите прегледи да не ги плаќа пациентот.
– Мора да се определи што му следува на пациентот за капитацијата што ја добиваме секој месец. Лекарите не може да издржат финансиски. Сега добиваат и огромни сметни за струја, а капитацијата не е зголемена од 2018 година и изнесува 63 денари за пациент. За две децении капитацијата е зголемена за 40 проценти, а за споредба, цената на горивото е зголемена за 160 проценти, а на храната за 135 проценти – истакна д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари, под чија капа се голем број од матичните доктори.
Доктор Марија Михајлова, матична лекарка од Скопје, во повеќе наврати посочи дека ги понижуваат и им се девалвира трудот.
– За нас никој нема слух. Но, има игнорирање. За жал, принудени сме на овој чекор. Во текот на целата пандемија, како и пред неа, се справуваме како знаеме и како можеме. Станавме фотокопирници, административци, хигиеничари, секретари, покрај тоа што сме доктори – вели Михајлова, специјалист по семејна медицина.
И Ненад Лазаров, кој по точно 10 години работа како матичен лекар, од следниот месец ја напушта оваа фела и оди да работи како специјалист во приватна болница, преку социјалните мрежи најави дека утре ќе протестира.
– Утре секој во својата ординација, достоинствено и соодветно на позивот. Целиот ден протестираме и искажуваме револт кон: Игнорирање и никаква поддршка на примарно здравство во тек на целата пандемија; Срамна вредност на капитационен бод од 65 иако беа ветени 95 денари; Воведување партиципација во примарно здравство; Олеснување од административни бремиња и промени во закон кој не регулира меѓу кои ургентно пациенти да се врзуваат со ординација, а не со конкретен лекар. Протестот значи дека ќе се работи исклучиво само со итни случаи! За се останато очекуваме разбирање и поддршка од сите пациенти со оглед на тоа дека ова се суштински моменти во кои или ќе се поправи или распадне примарното здравство. Доста е! – стои во објавата на фејсбук на Лазаров.
За утре матичните лекари имаат закажано средба со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, а очекуваат да ги повикаат на средба во Фондот за здравствено осигурување.
– Има многу региони во кои нема матични лекари и ако продолжи ваквата политика на Фондот кон проблемите на примарното здравство ќе се затворат уште повеќе амбуланти што не е во прилог на нашиот народ и неговото здравје – вели Чолакова-Дервишова.
Н.Б.З.