Александар Петличковски/Фото: МИА

Сите анализи упатуваат кон фактот дека најголем дел од починатите од ковид-19 се невакцинирани, или, пак, вакцинирани, но пред повеќе од шест месеци, изјави денеска на прес-конференција Александар Петличковски, претседател на Комсијата за заразни болести.

– Се забалежува подобрување на епидемиолошката состојба, но тоа не значи и дека е добра. Затоа, упатуваме силен апел до сите граѓани да се вакцинираат со трета доза, зашто нема починати меѓу тие што се вакцинирани со трета доза. Вакцинација со трета доза во моментот е најдобра заштита од тежок тек на болеста и од смрт. Тоа засега се најпроверливите и најважните научни факти – вели тој.

Смета дека помладите се „полабави“ по ова прашање и затоа треба да се апелира и за вакцинација со трета доза кај студентите и кај наставниот кадар.

Според Петличковски, серолошкиот скрининг со кој треба да се утврди националниот колективен имунитет, е планиран на повеќе локации кои намерно не ги откриваат, со цел да не доаѓаат луѓе наменски да се проверуваат.

– Сакаме да тестираме случајни минувачи. Вчера се собрани 200 примероци и за брзо време ќе ги имаме резултатите од овие тестирања. Планираме во Скопје да имаме 1.000 испитаници. Паралелно со тестирањето во Скопје, тестираме и низ државата – додава тој.

Според него, првите резултати од серолошкиот скрининг во Скопје се очекуваат во почетокот на идната недела.