Згаснува уште еден стопански гигант од времето на некогашната заедничка држава. Медиумите од некогашна Југославија со многу емоции пишуваат за гаснењето на фабриката за тутун „Сараево“ (ФДС), која постои повеќе од 140 години, а која ќе престане да работи на 31 март. Оваа фабрика беше прв производител на „марлборо“ во поранешна Југославија, како и на брендот „дрина“.
Одлуката за затворањето на фабриката ја донел надзорниот одбор, со што ќе се стави крај на сомнителниот процес на приватизација на компанијата, потврдиле од Синдикатот на тутунската индустрија на БиХ за босанските медиуми. Претседателот на синдикатот, Мехмед Авдагиќ, за медиумите потврди дека работниците на ФДС го информирале дека надзорниот одбор во јануари донел одлука за ликвидација на фабриката. За него оваа одлука е разочарувачка, бидејќи никој не одговорил на многубројните предупредувања дека ФДС пропаѓа од 2016 година, кога виенската „Адриатик инвестментс“ купи контролен пакет од 40 отсто од акциите на Владата на БиХ за 20 милиони евра.
По ова беше формирана нова компанија, наречена „Бадеко Адриа“, се откупуваа акциите во сопственост на малите акционери и имаше низа комплицирани трансакции, кои доведоа до колапс на производството. Највредните марки на цигари, како што е легендарната сараевска „дрина“ или поновата „аура“, се продадени, а некои од овие цигари сега се произведуваат и пакуваат во Ровињ.
Работниците навреме предупредија, испратија писма до претставниците на меѓународната заедница, финансиската полиција, Владата на БиХ, нема кому не му испратија, но, за жал, немаа доволно сила да се борат против оние што сакаа да ја урнат фабриката – изјави Авдагиќ за телевизијата Н1 и додаде дека само продадените брендови вределе најмалку 40 милиони евра.
ФДС беше првиот производител на цигари „марлборо“ во поранешна Југославија и еден од лидерите во тутунската индустрија во поранешната држава. По ликвидацијата на оваа фабрика, основана во 1880 година, која не престана со работа ниту за време на опсадата на Сараево, околу 150 нејзини сегашни работници ќе останат без работа.