Бугарската националистичка партија ВМРО-БНД одржува конгрес, на кој се одлучува за идното раководство, откако пред неколку дена, лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, официјално објави дека поднесува оставка, предлагајќи тројца копретседавачи да ја преземат партија.
– Им благодарам на сите кои најдоа храброст да дојдат, бидејќи земјата минува низ исклучително тешки времиња – изјави Каракачанов на вонредниот конгрес на партијата, пренесе БГНЕС.
Toj оцени дека новата влада е уште еден експеримент на надворешни лоби кругови.
– Сведоци сме на уште еден експеримент, со кој некои надворешни владетели сакаат да го пречкртаат сето она што е направено во последните 32 години. ВМРО никогаш не направила компромиси, а 80 проценти од Бугарите се против отстапки од наша страна во спорот со Северна Македонија – рече Каракачанов.
Изрази надеж оти на европските избори ВМРО се претстави одлично, избирајќи двајца пратеници во Европскиот парламент.
– Овие луѓе продолжуваат да ја бранат таа кауза, поточно правата на македонските Бугари. Никогаш не направивме компромис, а благодарение на ВМРО немаше пробив во односите со Северна Македонија. Не се предадовме и покрај секојдневните притисоци од властите на РСМ, и покрај неразбирањето на дел од бугарското општество, што точно се случува. Фала богу, малиот дел од бугарското општество. 80 отсто од Бугарите дефинитивно не сакаат Бугарија да прави компромиси со својата историја – нагласи Каракачанов.
Тој предлага да се изберат Ангел Џамбазки, Искрен Веселинов и Александар Сиди, а организациониот секретар Јулијан Ангелов да остане на функцијата.