Со 101 глас „за“ и без ниту еден „воздржан“ или „против“, предлог-измените за минимална плата го поминаа првото гласање на пленарната собраниска седница. Со предлог-законот кој се носи по скратена постапка, минималната плата ќе изнесува 18.000 денари.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со предлог законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 отсто од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика. Таа потенцираше дека до ова законско решение се дојде преку дијалог со социјалните партнери.
– Тоа е потврда дека за најважните прашања во државата одлуките кои се во интерес на граѓаните ги носиме заедно. Овие измени ќе опфатат околу 80.000 наши сограѓани, кои со исплатата на мартовската плата од април ќе добијат покачување на платата од 15.200 на 18.000 денари. Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со предлог измените се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година – рече Тренчевска.
Предлог-законското решение, треба да ги помине собраниските комисии за труд и социјална политика и законодавно – правната комисија.