Холанѓанката Ирен Вуст се израмни со Русинката Лидија Скобликова, која под знамето на Советскиот Сојуз, од 1960 до 1968 година, освои шест златни медали во брзо лизгање. Вуст со вкупно 12-те медали се израмни со Бјорн Дели, а поуспешни од неа се Марит Бјорген со 15 и Оле Еинар Бјорндален со 13 медали, сите од Норвешка
ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ
Ирен Вуст од Холандија одлизга во спортската историја со победата во трката на 1.500 метри во брзо лизгање и освоениот златен медал на петтите по ред Олимписки игри (летни и зимски), како прва спортистка во современата олимписка историја, од 1896 до 2022-та. Вуст (35) во Пекинг ја одбрани титулата од Пјонгчанг во 2018-та, притоа поставувајќи и нов олимписки рекорд.
– Ова е лудо. Многу емоции, и тоа добри, тешко е да се опише. Првиот медал беше најлесно да се освои, а најтешко петтиот – рече Вуст, која во Пекинг ќе настапи уште на две трки.
Најтрофејната холандска олимпијка со 12-те медали се закити со злато на Игрите во Торино 2006 (на 3.000 метри), во Ванкувер 2010 (на 1.500), во Сочи 2014 (на 3.000 и екипно), во Пјонгчанг 2018 (1.500) и во Пекинг 2022 (1.500). Со тоа Вуст ги надмина Бен Ајнсли од Велика Британија (едрење, од 2000 до 2012 г.), Пол Елвстром од Данска (едрење, од 1948 до 1960 г.), Каори Ичо од Јапонија (борење, од 2004 до 2016 г.), Карл Луис од САД (атлетика, од 1984 до 1996 г.), Михаин Лопез од Куба (борење, од 2008 до 2020 г.), Ал Ертер од САД (диск, од 1956 до 1968 г.) и Мајкл Фелпс од САД (пливање, од 2004 до 2016), кои имаат индивидуални златни медали од четири различни олимписки игри. Вуст се израмни со Русинката Лидија Скобликова, која под знамето на Советскиот Сојуз од 1960 до 1968 година освои шест златни медали во брзо лизгање.
Вуст има вкупно 12 медали од ЗОИ (шест златни медали, пет сребрени и еден бронзен), колку и Бјорн Дели (осум златни медали), нордискиот скијач од Норвешка. Поуспешни од неа се Марит Бјорген со 15, од кои осум златни медали (крос-кантри), и Оле Еинар Бјорндален со 13 медали, осум златни (биатлон), исто така од Норвешка.
Вуст на возраст од 35 години и 312 дена е и најстарата златна медалистка во брзо лизгање. Претходниот рекорд го постави Германката Даниела Аншуц-Томс во 2010 година, кога имаше 35 години и 99 дена.
– Годините се само бројка. Не размислувам, имам 35 години, премногу сум стара, не, никако – вели Вуст.
Јада 86-ти меѓу 88 скијачи во спринтот
Македонскиот нордиец Ставре Јада на првата трка на Игрите во Пекинг, во спринтот на 1,5 км, забележа време од 3;29:13 минути, послабо за 44,10 секунди од победникот на квалификациската трка, и на крајот го освои скромното 86-то место во конкуренција на 88 спортисти, информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Јада го очекува уште една трка во Пекинг, во маратонот, на 50 км, на 19 февруари. Утре во трката на 10 км слободен стил треба да настапи Ана Цветановска, која поради големиот број пријавени натпреварувачки и поради исполнетата квота од подоброрангираните не настапи во скијатлонот, на 5 февруари.
Третиот македонски претставник на ЗОИ, алпскиот скијач Дардан Дехари, треба да настапи во слалом и во велеслалом, на 13 и на 16 февруари.