Светот е сцена
Во светски познатиот музеј „Ријкс“ во Амстердам почна реставрацијата на ремек-делото „Ноќна стража“ на Рембрант, создадено во 1642 година.
Сликата е извадена од дрвената рамка, а платното е развлечено на специјална алуминиумска рамка за да се изедначи, соопштуваат од музејот.
Процесот се очекува да трае два-три месеци и е втора фаза од она што музејот го нарече „Операција ‘Ноќна стража’“. Најголемото истражување на ремек-делото започна летото во 2019 година и се спроведе во самиот изложбен салон Галерија на честа, пред јавноста. Меѓутоа, музејот во моментов е затворен поради пандемија.
Колку долго ќе трае реновирањето и што треба да се направи сѐ уште не е познато.
– Сега ќе го искористиме знаењето што го собравме во текот на изминатите две и пол години од истражувањето на „Ноќна стража“, за да ја доведеме сликата до нејзината најдобра состојба и за луѓето да можат да уживаат во ремек-делото – изјави Тако Дибитс, директор на музејот.
„Ноќна стража“ ја прикажува стражата што го одржувала мирот во Амстердам, сликата е висока 3,80 метри и широка 4,53 метри. Тоа е најпознатото дело на холандскиот мајстор Рембрант ван Рајн, кој живеел и работел во 17 век.
Во 1817 година сликата била преселена во новиот Државен музеј во Амстердам, каде што била сместена во посебна просторија, наречена „Галерија на ноќната стража“. Оттогаш сликата само еднаш била преместена, и тоа за време на Втората светска војна, кога била замотана и скриена во бункер.
По реставрацијата во 1940 година, при која се отстранил темниот лак, се покажало дека станува збор за значително посветла слика отколку што претходно се верувало. Во 1975 година, готвач отпуштен од холандската кралска морнарица ја исекол оваа славна слика. Сликата е толку вкоренета во холандската култура и Холанѓаните често се идентификуваат со неа, така што несреќниот готвач верувал дека ѝ се одмаздува на државата. Сликата уште еднаш била жртва на напад, во 1990 година, кога некој човек ја испрскал со киселина со скриено шише со спреј. Благодарение на брзата интервенција на стражарите, кои веднаш ја полеале со вода, уништен бил само површинскиот заштитен слој и сликата била спасена.