Еве, за почеток, една не толку далечна вест од Германија што може да послужи за некои нови согледувања во Македонија. Веста е позната: два и пол месеца по одржаните парламентарни избори во оваа водечка западноевропска земја, три партии формираа владејачка коалиција што ја сочинуваат Социјалдемократската партија, либералите и зелените. Сериозната коалиција уште неоформена доби шегобиен прекар „Семафор“, наречена така според боите на партиите – црвена, жолта и зелена. По десетнеделни преговори, по повлечи-одвлечи, главно зад затворени врати, ја усвои владината програма, се согласи околу распределбата на министерските ресори и други високоадминистративни функции. Секоја од партиите ги предложи своите водечки личности на клучните државни места и заеднички застана зад предлогот претседателот на СДП, Олаф Шолц, да биде избран за нов германски канцелар, наследувајќи ја легендарната Ангела Меркел, која на таа функција беше цели 16 години.
Како што се договорија така и направија. Главната церемонија пред изборот во Бундестагот ја одржаа во Берлин. Лидерите на трите партии, поставени како на олимписки пиедестал кога се делат заслужени одличја, не излегоа со медали околу вратот туку со книга во рацете. И покрај пандемијата на коронавирусот, не се правеа премногу паметни и модерни да им се обратат на Германците преку интернет или онлајн. Се послужија со изумот на нивниот Јохан Гутенберг, човекот што го измисли печатењето и со тоа го промени светот. Двајца мажи и една жена држеа една иста книга. Книгата, всушност, е нивната договорена владина програма. Иако дебелината не е одраз и мерило на добрата и убава содржина, оваа книга, според пишувањето на германските медиуми, била навистина и дебела и содржајна. Има 177 страници, на кои се испишани меѓупартискиот договор, владината програма, начините на нејзино спроведување и одговорноста за неспроведување. Договорено било во детали, до точка и запирка.
Да се споредува во која било смисла Македонија со Германија би било непримерно, несоодветно. Но, сепак, неколку политички моменти може да се земат како основа за да се види разликата, не блискоста.
Република Македонија (Северна) неодамна доби нова влада, формирана врз стара практика. Се крена голема врева околу новото собраниско мнозинство, се стивна кога се виде дека партијата со име Алтернатива е единствена алтернатива да се спаси старото и да заживее новото мнозинство. Според некои политичари и аналитичари, со тој чин се спасила Македонија, да не се покаела Алтернатива, ќе се случела невидена пропаст. Во целиот галиматијас, проследен со комични пресврти и сцени, никој, дури ниту пратениците, не виде нов меѓупартиски договор, нова програма. Падна владата, остана програмата. Сѐ на збор, ништо написмено. Сѐ беше сведено на доктрината, колку места за мене, колку места за тебе, колку тендери мене, колку тебе. Освен празните зборови за Европа, за европската иднина, другото беше список за места и борба за освојување терен за неконтролирано трошење, некој би рекол крадење, државни буџетски пари. Иако Илон Маск побрзо ќе слета на Марс одошто Република Северна Македонија во Европската Унија, мантрата за ЕУ беше појасот што го спаси давеникот.
Македонија не е без партиски книги, но како и другите книги, нив никој не ги чита. Трите најголеми партии во Македонија, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пред секои избори подготвуваат свои партиски програми сместени во дебели, луксузно, спонзорски печатени книги. Ако се прочитаат на првите две, ќе се види дека и едните и другите, кога се на власт, не го прават она што го има поставено во програмите туку она што во нив го нема. Ниту едната партија ја чита програмата на другата, ниту другата на првата. Мнозина од членството немаат поим што содржат тие страници, исполнети со фалени и фантазирачки ветувања. Програмата на ДУИ си ја знаат само тие од ДУИ, затоа партијата е најуспешна, најдолготрајна и најбогата. Нејзините кадри, главно бивши ленинисти – марксисти, го имаат совладано учењето на Ленин трансформирано во капитализам и затоа од петолетка во петолетка стануваат сѐ посилни, помоќни и пораспространети низ административните кабинети.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биле во коалиција со ДУИ. Меѓу нив нема ништо написмено, сѐ што е договорено е усно, лидерски, без записник и без многу сведоци, практика што одамна се раширила од Јужна Италија низ светот. Никакви пишани договори нема ниту во самите партиски коалиции, во кои се вклопуваат партии со различни идеолошки, економски, национални и религиски гледања и верувања. Напишаното под услов а има некаква идеологија, а нема. Главната идеологија се партиските и личните интереси. Во таа смисла тие договори се сведуваат на обезбедување еден-двајца пратеници на помалите партнери или добивање некое ситно, но добро платено или подложно на мито и државни привилегии директорско место.
На пример, СДСМ, чисто свои СДСМ-пратеници има 30, ВМРО 38. Несомнено дека коалициите се нужност, но самите наведени бројки ја откриваат вистината дека со таков број од вкупно 120 пратеници, ниту една од двете партии нема државотворен капацитет да ја води државата во добар правец и по сигурни патеки. Не е Македонија толку стабилна, богата и успешна земја што може да одржува рамнотежа со разлика од еден-двајца пратеници. Политиката што во дел се води институционално, дел вонинституционално, не дава соодветни резултати. Освен Собранието и Владата на Илинденска, клучна улога во формирањето на македонската политика има кафеаната, поточно Клубот на пратениците, иако него го нема во Уставот. Тој објект стана и црква и џамија за нашиот политички естаблишмент.
Како со внатрешните, во слична ситуација Македонија е и со надворешните договори. За неа два се клучни: Спогодбата со Грција и Договорот со Бугарија. Ако се прелистаат електронските архиви на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, ако се препрочитаат нивните изборни програми за претходните изборни циклуси, ќе се види дека ниту кај едната ниту кај другата партија не постои посебен дел, платформа или нешто слично што ќе ја објасни партиската позиција или ќе заземе став по тие прашања. Во тие документи само во општи црти се спомнуваат настојувањата за непоколебливата определба за НАТО и ЕУ, за добрососедство и пријателство и ништо повеќе од тоа.
Во времето на Никола Груевски имаше став за менување на името, се водеа тајни средби со Грци и се предлагаа додавки, преговараа поединци, но партијата, како партија, никогаш не објави опстојна платформа за постапки, за можни решенија, понуди или средби. Истото тоа се случуваше и со СДСМ во времето на Зоран Заев, продолжува со Ковачевски. Владеачката партија и сега, кога е најжешко со Бугарија, нема официјален документ како да се спроведува потпишаниот договор. А тој договор, напишан на 4-5 странички, може да ја одреди натамошната судбина на Македонија и Македонците.
Во партијата нема документ во кој таксативно се објаснети, образложени насоките за заштита на македонскиот идентитет, на јазикот и писмото. Нема заклучоци за натамошни постапки ниту на Централниот или Извршниот одбор, ниту од времето на Заев и Шекеринска, ниту пак денес. Сѐ е сведено на личниот однос на претседателот на Владата, партиските органи се исклучени од овие процеси, членството е отстрането од учество по тој вопрос. Сума сумарум, не случајно е измислена поговорката „лета како мува без глава“. Да не беше Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а изгласана во Собранието, Република Северна Македонија ќе немаше никаков државен документ со кој ќе ги штитеше националните права на своите граѓани, поточно на Македонците во однос на Бугарите. Преку таа резолуција се исцртани какви такви обоени линии, иако од Шар Планина се гледа и слуша дека се сака да бидат прегазени и погазени токму од дел од оние што ги изгласаа или се должни да ги почитуваат.
Без соодветен документ помина и еден од најпресвртните моменти во поновата македонска историја – Шарената револуција. Само македонската Шарена револуција помина без резолуција, без манифест, без народен проглас, без одредување државни и национални цели. Шарената револуција, која сѐ повеќе поприма примеси на една голема шарена лага, се сведе на уривање на Груевски и доаѓање на власт на Зоран Заев. По него, односно со него, дојде до промена на името на државата, менување на нејзиното уставно устројство на штета на домицилниот народ и до апсурдноста да се поставува прашањето што се Македонците – Македонци или Бугари.
pande.k@novamakedonija. com.mk