Почеток на мечот Aнaнд-Каруана

Помина само една третина на 43-та Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, Грузија, а возбудувањата на 64-те полиња не престануват, ниту во машка (185 репрезентации) ниту во женска конкуренција (151). По четири кола (не сметајќи го вчерашното), само осум машки селекции се со максимални осум бода (Азербејџан, Полска, Кина, Франција, Израел, САД, Ерменија, Чешка и Украина), а само четири (Азербејџан, Франција, САД, Ерменија и Германија), немаат загубено ниту една партија. Кај жените само Кина, САД, Украина и Монголија се со максимален ефект, по четири победи.

Поранешните светски прваци не блескаат засега. Така 14-от по ред, Русинот Владимир Крамник дури беше матиран во 4-то коло на третата табла од Полјакот Јацек Томжак (32-ри потег), а Русија загуби со 1,5-2,5.
Исто помина и славниот Индиец Вишванатан Ананд, но против претендентот за светската круна, кој во ноември ќе игра меч со Магнус Карлсен, Американецот Фабијано Каруана (досега една победа и две ремија), што беше решавачко за пораз на Индија.

Од другите поранешни шампиони што играат на ШО, Украинецот Руслан Пономарјов засега има една победа и две ремија, а Узбекистанецот Рустам Касимџанов е со едно реми и со еден пораз. Од некогашните претенденти за светската шаховска круна, пак, Израелецот Борис Гелфанд и Украинецот Василиј Иванчук имаат по два поена од три партии, Унгарецот Адам Леко и Англичанецот Мајкл Адамс 1,5/3, додека Русинот Сергеј Карјакин 2/4.
Кај дамите, актуелната светска првенка Кинезинката Венјун Ју има 2/2, Русинката Александра Костењук 2/3, а Украинките Ана Ушенина 2,5/3 и Марија Мужичук 3/3. 


Одличен почеток на Македонија – шест бода по четири кола

Македонските шахисти (рангирани 43-ти пред ШО), засега одлично напредуваат и со три победи и еден пораз (пред вчерашниот дуел со Грција, која беше рангирана 25-та) со шест бода и 13 поени по табли беа на одличното 20-то место. Тие во 4-то коло убедливо го совладаа Уругвај (рангиран 67-ми) со 3,5-0,5. Цел поен освоија Трајко Недев (досега 2,5/3), Филип Пачевски (3/4) и Никола Николовски (3/3), а Кирил Георгиев ремизира (2,5/3). Во ова коло одмораше Владимир Георгиев (2/3).
Но ова не е најдобриот почеток за Македонија на една ШО, подобар беше почетокот на ШО во Торино во 2006 година, кога по првите четири кола Македонија имаше седум бода (10 по табли). Шахистките (рангирани 58-ми), пак, со три порази и една победа имаат два бода (осум по табли) беа на 110-то место, откако минимално загубија од Бразил (рангиран 45-ти) и во 5-то коло играа со Палестина (рангирана 123-та). Победа забележа само Катерина Петровска (2/3), Габриела Коскоска ремизира (2,5/4), Бојана Бејтовиќ (1/4) и Драгана Николовска (1,5) загубија, а Моника Стојковска (1/2) одмораше. Г.И.