Црвeно-црните досега шест пати играле со унгарскиот првак во ЛШ, и имаат едно реми и пет пораза, пред денешниот дуел (17.30 ч.) во 3-то коло на ЛШ, во Веспрем
Ракометарите на Вардар вторпат во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ) ќе бидат пред тежок предизвик, посебно што денешниот ривал во 3-то коло, (17.30 часот), унгарскиот шампион Веспрем уште го немaaт победено во најеминентното клупско натпреварување.
Унгарците, во чии редови има 16 интернационалци, дури пет пати славеле, а само еднаш ремизирале со македонскиот првак. Првиот пат во сезоната 2001/2002, кога на гости славеле со 27-24, а дома со 27-22, потоа во сезоната 2014/2015 на гости било 24-23, а дома 32-24 и во сезоната 2015/2016, кога во четврт-финалето во Скопје победиле со 29-26, но на свој терен било нерешено, 30-30, со вкупна гол-разлика 159-149 (26,5-24,8 во просек по меч). За разлика од скопјани, Веспрем никогаш не бил европски првак иако трипати играл во големото финале (двапати во Келн).
– По поразот во Барселона мораме да победиме дома. Ќе биде тешко бидејќи Вардар игра добар ракомет – вели за клупскиот сајт, Дејан Манасков, македонското репрезентативно крило во редовите на Веспрем.
Од многуте квалитетни играчи како главна движечки сили се издвојуваат српскиот лев бек Момир Илиќ (лани постигна 71 гол во ЛШ), централниот бек Мате Лекаи (37 погодока), десното словенечко крило Дрган Гајич (45 гола), искусниот десен бек Ласло Наѓ (32 реализации), како и двоецот голмани, Арпад Штербик и репрезентативецот на Унгарија Роланд Миклер. Клубот се засили со пет нови играчи сезонава: францускиот десен бек Кентин Мане (Фленсбург), словенечкиот лев бек Борут Мачковшек (Целје), голманот Штербик (Вардар), хрватското лево крило Мануел Штрлек (Киелце) и данскиот пикер Тофт Хансен (Кил). Посилни се на бековската линија, но со брза транзиција крилата дејствуваат мошне ефикасно во контрите. Веспрем во 1-то коло го победи на свој терен Киелце, а во 2-то коло загуби на гости од Барселона.