Сметам дека поддршката ја гледаме и на анкети и рапидно ќе расте за ВМРО-ДПМНЕ и дека на следните парламентарни избори, кои што сум убеден ќе бидат предвремени, ќе има висока излезност и ќе има едно јасно проопозициско расположение кое ќе оди кон ВМРО-ДПМНЕ, вели Александар Николоски потпретседател на најголемата опозициска партија во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
– Тоа се работи кои што се поврзани со изборниот законик и за кои што е потребен консензус. Ние ги кажавме нашите ставови кои се сведуваат на неколку точки. Прво нашиот избор беше мнозински модел, но што гледаме дека нема кај никого друг велиме ајде една изборна единица, но да се намали бројот на пратеници од 120 на 90 пратеници. Зошто 90, бидејќи Словенија која што е слична по територија, иста по бројот на население како Македонија има 90 пратеници мислиме дека на оваа големина, и на оваа економија доволно е 90 пратеници да ги претставуваат граѓаните. Така што во еден концепт на една изборна единица со 90 пратеници можеме да разговараме – рече Николоски.
Во однос на предлог измените на законот за влада каде што не е потребен консензус бидејќи се гласа со 61 глас, за разлика од измените во изборниот законик, Николоски вели дека барањето за укинување на техничка влада е поради тоа што 100 дена се премногу за организирање на избори, како и дека се успоруваат многу процеси.
– Вториот дел кој што е поврзан со законот за влада и за кои што не сметам дека треба да има консензус зошто се гласа со 61 пратеник, ние доброволно од опозиција се откажуваме од таканаречениот гарантен механизам на техничка односно пржинска влада. Зошто го правиме тоа? Затоа што мислиме дека 100 дена се премногу за организација на избори. Тоа успорува многу процеси, имајќи во предвид дека треба период и после изборите да се формира влада, државата оди во еден мртов период каде што запира стопанството и економијата, и мислиме дека оној Уставен рок кој што предвидува 45 до 50 дена за предвремени парламентарни избори, и околу 60 дена за редовни парламентарни избори е сосема доволен за да се организираат избори – вели Николоски.
Тој смета дека неприфаќањето на СДСМ на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е само доказ дека се плашат од одржување на предвремени парламентарни избори.
– Гледам дека СДСМ не сака да гласа за нашиот предлог, што ми дава само еден логичен заклучок дека се плашат од предвремени парламентарни избори – дециден е Николоски.