Студен бран го зафати регионот
Времето во Македонија вчера, под влијание на влажна и студена воздушна маса, беше облачно и студено, со врнежи претежно од снег. Само на некои од пониските места, и тоа особено во Повардарието и во југоисточните предели, врнежите беа од дожд и снег.
Поради обилните врнежи на снег, вчераутро беше воведена забрана за движење на товарни моторни возила на патот Маврово – Дебар, соопшти АМСМ. Сообраќајот на другите патишта се одвиваше, главно, непречено. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини беше умерен. На граничните премини од македонска страна немаше подолги задржувања за влез и излез од државата. Сепак, АМСМ препорачуваше приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Според прогнозите, денеска и утре ќе преовладува променливо облачно и студено време, со слаб локален снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено утре, во источните делови. Како што соопшти УХМР, од петок времето ќе биде стабилно, со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. Денеска минималната температура ќе се движи од -8 до 2, а максималната дневна од -2 до 7 степени. За време на викендот ќе биде потопло, в сабота до 13, а в недела до 11 степени.
Студен бран го зафати и целиот Балкански Регион. Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) на Србија итно издаде соопштение вчеравечер околу полноќ, а причина се снежните врнежи што повторно надојдоа. Поради тоа, на подрачјето на западна Србија, Шумадија, југоисточна и југозападна Србија, како и на Косово и Метохија, поради најавениот снег беше вклучен портокалов метеоролошки аларм. Тоа значи опасно време и во овие делови се очекува формирање снежна покривка.
Во Белград, Поморавје и во источна Србија е вклучен жолт метеоролошки аларм, што укажува на потенцијално опасно време. Што се однесува до Војводина, нема никакви предупредувања.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) предупреди дека за денеска јужно од Сава и Дунав се очекува снежна покривка на пониските места од 5 до 15 сантиметри, а во ридско-планинските предели нови 15-25 сантиметри локално и повеќе, со слаб и умерен ветер, повремено засилен на север, северен и северозападен правец. Утринската температура ќе биде од минус три до еден, а највисоката дневна од нула до пет степени.
За денеска се најавува претежно облачно, на север со мешани врнежи (дожд, лапавица и снег), во другите делови со снег, со слаб ветер и умерен северен и северозападен. Утринската температура ќе биде од -4 до 0 степени, највисоката дневна од 1 до 6 степени.
Утре ќе биде претежно облачно, на север променливо, со врнежи од дожд или лапавица, во преостанатите делови со променлив снег, со слаб и умерен западен и северозападен ветер. Утринската температура ќе биде од -4 до 1 степен, а највисоката дневна од 0 до 5, во Тимок околу 7 степени.
В петок ќе биде променливо облачно, потопло и посуво, на север со подолги периоди на сончево време, со слаб и умерен западен и северозападен ветер. Утринската температура ќе биде од -4 до 1 степен, а највисоката дневна од 2 до 8 степени.
Студено време со врнежи од снег ја зафати и Хрватска. Вчера Далматинците ги пречека студено утро, а наместа и од 5 до 10 сантиметри снег. Сцени од снег пристигнаа од Николиќ кај Ловриќ, Свиб, Аржан… Снег паѓа во далматинска Загора. Имено, низ оваа област во јануари помина еден од ретките циклони, па првиот месец од годината накратко го покажа своето вистинско зимско лице, но само во некои делови на Далмација.
Налетите на бурата биле исклучително силни, а според официјалните податоци на ДХМЗ, во Сплит биле измерени налети до 111 км/ч. Очекувано, температурите најмногу паднаа на планините, но и на повисоките делови на Загора. Најмногу снег до 23 часот наврна на повисоките места во областа Имотски, понекаде од 5 до 10 сантиметри.