Познатиот писател за деца, Перо Миленкоски, долгогодишен уредник на „Колибри“ и соработник на фестивалот „Златно славејче“, со овој текст се збогува од својот долгогодишен соработник и пријател Александар Џамбазов

Во спомен на маестро Александар Џамбазов

Работата за децата и со децата го збогати мојот животен летопис со многубројни средби со голем број уметници што оставиле траги во нашата култура. Искрената почит кон нив, се надевам, со ништо не ја засенува мојата констатација: името на маестро Александар Џамбазов, сепак, се издвојува по неговата човечка благородност и неизмерна љубов кон децата и детството. Во тоа се уверив низ повеќегодишната соработка со него.
Популарниот чичко Ацо, маестро, како што му се обраќаа децата, го запознав во далечната 1972 година, кога се одржа второто „Златно славејче“, кое тој заедно со Васил Пујовски, Благоја Јордановски, Запро Запров и други активисти во Советот за грижи и воспитување на децата на Скопје, го формираше претходната година. На оваа фестивалска изведба беа исполнети моите две, од вкупно осумдесет песни на „Златно славејче“. Една од нив, „Зошто“, ја компонираше маестрото, а ја исполни Билјана Дамјановска од Битола. Тоа беше почетокот на нашата плодна соработка, која ме инспирираше кон нови творечки предизвици, кои уште повеќе ме зближуваа со децата.
Рака што гали, збор што смирува, песна што се памети. Тој беше и ќе остане омилениот на сите, а најмногу на децата, маестро Џамбазов. Неговата заложба за единство на музиката и на стихот како единствена гаранција за детска песна прифатлива за сите возрасти беше вградена во програмската суштина на фестивалот. Неговите песни „Градот убав“, „Еј галеби, галеби бели“, „За сите деца“, „Мојата учителка“ и други, ќе останат траен бисер во музичката ризница на македонската култура.
Една негова особина заслужува особено внимание. Тој умееше да го придобие секое дете, да ја отвори детската душа, да ја снема несаканата трема… Како сега се сеќавам: на едно „Славејче“ во Универзална сала (гнездото на славејчињата) требаше првпат да настапи нашата музичка икона Тоше Проески. Гледав дете повлечено, стуткано во аголот зад сцената. Маестрото му пријде, го погали по косичката, го охрабри со милозвучен збор и малиот Тоше, заедно со едно девојче, Емилија Павловска, пееше за добриот дедо.
Ете, зошто и денес, кога веќе не е меѓу нас, јас ја гледам топлата родителска рака и го слушам милозвучниот збор на Чичко Ацо.

Перо Миленкоски