Како уметник, кој од 2000 година е дел од оркестарот на Филхармонијата, се радувам што институцијата има голема перспектива. Со беспрекорните услови како генерација имаме и одличен потенцијал на млади уметници што се членови на оркестарот, вели Илиески
Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија
Македонската филхармонија ја почна новата концертна сезона со концертот под наслов „Ново утро“, на кој настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, а диригираше маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Кои од концертите не смее да ги пропушти публиката во новата сезона?
– Нѐ очекува богата, издржана програма, во која се вградени светски солисти и диригенти. Ја отворивме сезоната со лауреатот Лука Дебарг и со маестро Јерухам Шаровски, потоа следува изведбата на „Планетите“ на Густав Холст на 12 октомври, кога на истиот концерт солист ќе биде нашиот Ѓорги Цинциевски, кој ќе го изведе Концертот за контрабас на диригентот Емил Табаков, кој, пак, ќе диригира. На 19 октомври ја имаме Бетовеновата 9-та симфонија каде што доаѓа еден од најголемите диригенти што застанал на нашиот подиум, Австриецот Густав Кун со 2 хора – бугарскиот хор „Светлослав Обретенов“ и нашиот „Про Арс“… Би го истакнал и претстојниот настап на тромбонистот Јозеф Алези – солистот на Њујоршката филхармонија. Среќен сум што го обезбедивме големиот светски виолинист Вадим Репин, чиј концерт ќе се одржи на 13 декември. Новогодишниот концерт, секако, ќе биде посебен во однос на досегашните. На програмата ќе има транскрипции за два кларинета и оркестар, со извонредното дуо Гурфингел…
Што ви беше најважно кога ја правевте програмата за оваа сезона?
– Програмата на Македонската филхармонија е најбитната работа. Во нашата концепција заедно со продукцијата, се водевме да конципираме програма во која ќе бидат вградени дела од железниот симфониски репертоар и да бидат застапени авангардни симфонии, кои не се поставени во досегашната програма. Исто така, направив сѐ да ни гостуваат и големи артисти (солисти и диригенти), се разбира и наши македонски изведувачи, а внимававме да бидат застапени и македонски композитори.
Официјално од неодамна сте и директор на Филхармонијата… Што ќе ви биде приоритет?
– Како уметник, кој од 2000 година е дел од оркестарот на Филхармонијата, се радувам што институцијата има голема перспектива. Со беспрекорните услови како генерација имаме и одличен потенцијал на млади уметници што се членови на оркестарот. Мојата мисија е доекипирање на административниот кадар поради беспрекорно функционирање на целиот објект, селекција на одлични уметници и нивно ангажирање во оркестарот, а најголем акцент ќе ставиме во подобрување на квалитетот. Моето ангажирање ќе биде уште позасилено за привлекување наши поддржувачи, соработници и партнери, кои ќе инвестираат во Филхармонијата и ќе нѐ следат во нашиот развоен пат. Исто така, ќе се заложам за обновување на инструментариумот што е навистина неопходно.
Филхармонијата веќе гостуваше во Србија и во Казахстан, а најавени се и гостувања во Шпанија и во Кина. Колку се важни гостувањата и како сте задоволен од досегашните?
– Од огромно значење, мотивација и сатисфакција се претставувањата на уметниците надвор од нашите граници. Нашата главна мисија е надградување и репрезентативно претставување на Филхармонијата и надвор од државата. Од целогодишната работа заедно со мојот тим успеавме да преговараме, организираме и да реализираме две гостувања и уште две ќе се реализираат.
Горд сум на Камерниот оркестар на МФ, кој имаше одлични концерти во Казахстан. Првиот концерт во Алмати во Филхармониската сала и вториот концерт во Астана во Универзитетската сала по повод независноста на Р Македонија. Публиката што беше присутна ги награди македонските филхармоничари со бурни аплаузи и со стоечки овации. Ова гостувања долго ќе се памети и по одличниот прием од страна на нашата амбасада во Казахстан. Концертот што се одржа во Белград, пак, на Калемегдан на 13 септември, беше реприза на концертот што го организиравме во Градскиот парк на 7 јуни заедно со африканската ѕвезда Феми Кути и со неговиот бенд. На концертот во Белград присуствуваа околу 20 илјади луѓе, кои уживаа и танцуваа на афроритмите. Филхармонијата и Емин Џијан беа громогласно поздравени. Сега се при крајот подготовките за турнеите во Шпанија и во Кина на целиот симфониски оркестар.
Повеќе од една година Филхармонијата свири во новата сала. Кои се предностите и можеби евентуалните недостатоци во новиот акустичен простор?
– Во однос на предностите, како институција сме преродени преселувајќи се во новиот објект. Имаме повеќе поволности, од паркинг-места за секој вработен преку простории за вежбање за секоја група, се разбира до крајниот резултат – концертните сали. Административниот дел е совршен за работа. Во текот на сезоната ги лоциравме сите техничките недостатоци со фирмата „Страбаг“, која е наш генерален спонзор и успеваме да ги надминеме.