Да бидеш креативен е голема предност, со сите тешкотии и проблеми што ги носи тој предизвик, бидејќи секогаш се раѓа нешто ново. Затоа во сѐ што работам се трудам да бидам докрај прецизен, секоја нота да биде изведена како што треба, затоа што она што го оставаме е дел од историјата на македонската музика, велеше Александар Џамбазов
Непосредно пред својот 86-ти роденден нѐ напушти познатиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов, кој остави неизбришливи траги во македонската сериозна, популарна и детска музика. Неговото творештво опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави… Едноставно ни остави творештво како за три животи, бидејќи за него музиката беше алфа и омега, постојано опкружување, муза и инспирација. Целиот работен век го мина во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и на Ревискиот оркестар, каде што беше ангажиран цели 37 години, и тие за него беа втор дом.
– Судбината сакаше Драган Ѓаконовски-Шпато да биде диригент на оркестарот од 1961 до јули 1963 година и мораше да замине за Белград. Тогаш добив директива од директорот Драги Този и од Драган Бојаџиев да го преземам неговото место, за да не останат дваесет фамилии на улица. Така, јас од февруари 1964 го презедов Танцовиот оркестар и 37 години непрекинато бев на едно работно место во МРТ, зад диригентската палка, од вкупно 40 години стаж. Мислам дека и во светски рамки тоа е вистинска реткост, еден човек да е толку долго на едно работно место – изјави во еден наш разговор Џамбазов.
Тој е еден до творците на Скопскиот фестивал на забавна музика, автор што создал над 1.000 музички дела, а бил и рекордер по изведени композиции на фестивалот „Опатија“ – вкупно 21. Познат е и како музички педагог, бидејќи на голем број наши познати пејачи и музичари уште од детските денови им го трасирал патот во музичките води. Неколкупати своите парични награди освоени на фестивалите ги подарувал.
– Се сеќавам кога во 1969 година за песната „Билјана“ добив втора награда од публиката и тогаш парите ги подарив за настраданите во земјотресот во Бања Лука, а за песната „Охрид и јас“ наградата што ја добив од Друштвото на композиторите на Југославија ја подарив на УНИЦЕФ, како и во 1972 г. по добивањето на наградата за песната „Еј гулаби, гулаби бели“ што изнесуваше тогашни 300.000 динари. Тие аплаузи, тие скандирања никогаш нема да ги заборавам. Тоа беше мој скромен придонес за тие гладни деца. За жал, денес такви чувства нема – ни рече во една пригода Џамбазов.
Неодминливо е да се спомене дека Александар Џамбазов е иницијатор, творец, композитор, со еден збор „татко“ на фестивалот на детската песна „Златно славејче“. Па ако возрасните со почит го ословуваа со маестро, дечињата што беа дел од фестивалот го викаа чичко маестро. Токму тие, неговите славејчиња, се простија од него со зборовите.
– Со голема тага ја прифативме веста дека нѐ напушти нашиот еден и единствен маестро Александар Џамбазов. Човекот што ја создаде и музички ја стилизираше детската песна во Македонија, а заедно со тоа и хорот на „Златно славејче“. Неговиот слух и вонсериски талент беа препознаени и признаени низ целиот Балкан и во светот како, за детската така и за популарната музика. Учевме од него како од вистински мудрец, секоја негова пофалба или забелешка беа со многу љубов, искреност и жар за нештата да звучат и да изгледаат поубави. Со цело срце благодариме и веруваме дека ќе ги зачуваме и ќе се сеќаваме на советите и безвременски вредности што ни ги остави – напишаа славејчињата.
Сите што го познаваа овој голем уметник, но добар и скромен човек, со почит и тага се простуваат од него, кој остави неизбришливи траги во македонската музичка историја, за што е награден со највисоки признанија во земјава, но и во некогашна Југославија. Сепак, за него беше најдрага наградата што ја добил во Италија, светско признание за композицијата „Рапсодија за Скопје“, седум варијации за пијано и симфониски оркестар, композиција што по 1967 година првпат беше изведена кај нас на јубилејниот концерт по повод 80-от роденден на маестро Џамбазов, што се одржа на 15 април 2016 година во Домот на АРМ, а пијанист беше Дино Имери. Овој концерт заврши со изведба на неговата „Песна за Скопје“ (Градот убав), која стана заштитен знак на „Златно славејче“.
– Можеби децата и нивните деца ќе ме паметат по „Славејчето“, некои по фестивалите и по желбата да се остават траги, не само како творец туку и како основоположник, организатор, но сепак мислам дека можев да дадам и повеќе. Зашто да бидеш креативен е голема предност, со сите тешкотии и проблеми што ги носи тој предизвик, бидејќи секогаш се раѓа нешто ново. Затоа во сѐ што работам се трудам да бидам докрај прецизен, секоја нота да биде изведена како што треба, затоа што она што го оставаме е дел од историјата на македонската музика – велеше маестро Александар Џамбазов.
Монографијата за неговиот богат живот и плодна музичка кариера ја напишаа Јелица и Елена Новаковски, а за неговата плодна кариера и живот се снимени и неколку документарни филмови.