Британските разузнавачки служби идентификувале уште еден, трет руски агент, кој е обвинет за вмешаност во труењето на пребеганиот разузнувач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
Според весникот „Дејли Телеграф“, третиот агент бил пратен да го разгледа градот Солсбери, каде што живееше Скрипал и тој бил претходница на двајцата агенти што допатувале во март и го извршиле труењето.
Британското разузнавање се уште работи на откривање на точниот идентитет на овој човек.
Велика Британија веќе ги објави имињата на двајцата наводни извршители на нападот, а вчера беше објавено и дека едниот од нив, според британските сознанија, е Анатолиј Чепига, полковник во руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Двајцата осомничени Руси во изјава за руска телевизија рекоа дека престојувале во Солсбери како туристи.
Сергеј и Јулија Скрипал беа тешко затруени од дејството на нервниот отров новичок, кој беше употребен против нив. Тие го преживеаа труењето, но една жена од Солсбери подоцна почина откако дошла во контакт со шише кое го содржело отровот, а еден маж беше затруен.