УЕФА реши системот ВАР да почне да се употребува од август 2019 година, од плејофот за пласман во ЛШ, но да биде во игра и за ЕП 2020 и за фајналфорот на Лигата на нациите во 2021 година, како и во групната фаза на ЛЕ од сезоната 2020/2021
Системот видеопомошник-судија (ВАР) ќе биде користен во Лигата на шампионите (ЛШ) од следната, сезона 2019/2020, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). ВАР ќе биде во функција од плејоф-дуелите (последното квалификациско коло) во август в година. Тоа значи дека ако идниот македонски клупски првак стигне барем до плејофот за пласман во ЛШ, на арената „Филип Втори“ ќе биде инсталиран системот ВАР.
УЕФА објави дека првпат ВАР ќе биде употребен во почетокот на август в година, на мечот од Суперкупот на УЕФА во Истанбул. Покрај ЛШ, УЕФА планира системот ВАР да го воведе и од групната фаза во Лига Европа од сезоната 2020/2021, а со сигурност ќе се користи и на Европското првенство во 2020 година и на фајналфорот на Лигата на нациите во 2021 година.
– Убедени сме дека воведувањето на ВАР во август 2019 година ќе ни даде доволно време да го спроведеме овој робусен систем и да ги обучиме официјалните лица за да обезбедиме ефикасност и успешна имплементација на ВАР во Лигата на шампионите, најпознатото клупско натпреварување во светот – рече Александер Чеферин, претседателот на УЕФА.
Репрезентацијата доби нов мотив за висок пласман во Лигата на нациите
Европската фудбалска унија (УЕФА) потврди дека ждрепката за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година ќе биде влечена на 2 декември во Даблин, а следниот ден треба да биде влечена и ждрепката на двојките за фајналфорот во Лигата на нациите. Според објавената процедура, составите на барабаните за ждрепката за ЕП ќе бидат одредени според вкупниот пласман на репрезентациите во Лигата на нациите, кој треба да биде познат на 21 ноември. Според шемата, Македонија добива нов мотив да биде првопласирана во својата група и тоа најдобра меѓу првопласираните, бидејќи само таа селекција ќе се најде во четвртиот барабан, следните 10 ќе бидат во петтиот, а последните пет репрезентации во лигата Д во шестиот барабан. По две кола Македонија е вкупно втора во лигата Д, зад Луксембург.