Посети го музејот
Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј е основан како покраински музеј во 1952 година. Првата изложба била организирана на 1 мај 1955 година и содржела материјали од историјата, етнологијата и археологијата.
Во рамките на своите истражувања, Заводот вршел археолошки ископувања на црквите во Водоча, Вељуса, „Свети Петнаесет тивериополски маченици“, „Свети 40 севастиски маченици“ – Банско, „Орта-џамија“, Цареви кули, Римската терма во Банско, „Мачук“ и „Црвено Поле“, „Страната“ кај Ангелци и многу други објекти.
Заводот и музеј има објавено повеќе книги, каталози, брошури и водичи: „Зборник на трудови“ (1989), „Галерија на икони“ – каталог на изложбата (2000), „Христијанството во културата и уметноста на струмичката епархија“ (2002), „Духовните традиции на Тивериопол“ (2003), „Струмица културно-историско наследство“ (2005), „Зборник на трудови“. Установата располага и со изложбен простор, спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето, Старата турска пошта и Галеријата на икони. Од 1 јануари 2005 година установата прераснaла во регионален конзерваторски центар надлежен за Струмица, Дојран, Валандово, Богданци, Гевгелија и нивните околини.
Објектот каде што се наоѓа музејот е вклучен во списокот на културно наследство на Македонија.