Она што ми е важно е што по освојувањето на она што го освоивме во претходните години, сепак, овие момци на секој натпревар даваат сѐ за овој клуб. Ова е мое и наше најголемо достигнување како клуб и како тим досега, вели менаџерот на Манчестер сити

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Англискиот првак Манчестер сити ја зголеми предноста на врвот на табелата во фудбалската Премиер-лига, со победата со 1-0, дома, на натпреварот со Челси, во 22. коло сезонава. Пеп Гвардиола, менаџерот на лидерот во првенството, изјави дека фудбалерите веќе му дале нешто поскапоцено – безмилосна посветеност да се успее на секој натпревар, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.
Белгиецот Кевин де Брујне го постигна победничкиот гол. Сега Манчестер сити има 13 бода повеќе од второпласираниот Челси и 14 бода повеќе од третопласираниот Ливерпул, кој има два натпревара помалку. Гвардиола нагласи дека четвртата титула во пет сезони во Англија уште не е сигурна.
– Она што ми е важно е што по освојувањето на она што го освоивме во претходните години, сепак, овие момци на секој натпревар даваат сѐ за овој клуб. Тоа е многу тешко да се најде во модерниот живот, во модерниот фудбал. Ние сме доволно скромни да трчаме без топка, да се обидеме да дадеме сѐ од себе на секој натпревар. Ова е мое и наше најголемо достигнување како клуб и како тим досега. Да победуваш и да победуваш и да победуваш со години во оваа земја и во оваа лига. Ова е најголемата титула што ја имам и ќе ја имам кога ќе заминам од Манчестер – вели тој.