Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли изјави дека меѓу Србија и Косово не би требало ни да постои граница и оти „топката треба да се префрли на економско поле“.
– Некогаш живеевме заедно и гледам тенденција дека и тие сакаат да живеат заедно. Наместо да правиме граници, треба да ликвидираме граници и да ги пуштиме луѓето да се движат слободно – изјави Пацоли во Њујорк за ТВ Прва.
Тој е уверен дека решението е на друго место и дека „топката треба да се префрли на економско поле“, пренесува Танјуг.
– Таму е решението – економска соработка, повеќе работни места, зголемен економски раст, подобар живот на населението, поквалитетно образование и повеќе производи на маса. Тоа треба, и ако има волја и од северна и јужна страна, тоа може да се постигне – истакна Пацоли.
Тој смета дека решението на косовското прашање е и близу и далеку.
– Многу сме далеку и многу сме близу. Се е во наши раце. Ако сакаме, можеме да бидеме многу поблиску, а ако не сакаме – тогаш сме далеку, изјави косовскиот министер.