Бевме блиску до триумф и поради тоа сакав да ги пофалам репрезентативците, но морам и да им ги посочам грешките. Се работи за млада и неискусна екипа. Едноставно треба со текот на времето да станат победници и да знаат како се победува. Оставивме позитивен впечаток и сакам тоа да нѐ разбуди, за да бидеме подобри во вториот меч, против Црна Гора, рече селекторот Лазаров, по поразот од Словенија, со 25-27, во 1. коло на ЕП 2022

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Не сакам да ја потценам Црна Гора. Имаат индивидуалци веројатно и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме подобри како колектив. Не сакам да ги отворам „картите“. Видовме некои работи, нешто дополнително ќе анализираме, особено натпреварот со Словенија. Секојдневно се менува ситуацијата и мора да се приспособуваме на неа, изјави селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров во пресрет на денешниот дуел со Црна Гора (18 часот), во второто коло од групата А (во Дебрецин), на ракометното Европско првенство (ЕП) што се игра во Унгарија и во Словачка, до 30 јануари.
И во таборот на Црногорците, кои загубија на ЕП 2018 од Македонија со 28-29, владее оптимизам.
– Го гледавме натпреварот на Македонија со Словенија. Можеме да играме и со двете репрезентации. Македонија се држеше добро, но имаме што да бараме против нив и ќе победиме. Никогаш не се знае што ќе се случи, што ќе донесе новото тестирање на ковид-19. Сепак, мора да размислуваме позитивно – изјави капитенот на репрезентацијата на Црна Гора, Васко Шеваљевиќ, за црногорските медиуми.
Македонската репрезентација не успеа да ја оствари и третата победа на европските првенства против селекцијата на Словенија. На првиот натпревар од групата А, избраниците на селекторот и капитен Лазаров (кој не настапи поради повреда на потколеницата) загубија од Словенија, со 25-27 (10-13). Црвено-жолтите во ваков состав, кои на ова ЕП, покрај повредениот Лазаров, настапуваат и без четворица ракометари, поради ковид-19, понесени од френетичните навивачи се претставија во добро издание и се чини го изненадија словенечкиот селектор Љубомир Врањеш, кој беше принуден потоа да ротира повеќе играчи за да дојде до посакуваната цел. За тоа говори и второто полувреме, кое го доби Македонија со 15-14. Ова беше петти пораз на македонските ракометари во воведните натпревари на европските првенства, а прв во дуелите со Словенија.

– Намерно не го гледав натпреварот со Словенија пред да заспијам, туку тоа го направив вчераутро, гледајќи 30 минути од мечот. И покрај тоа што во нашиот состав владее задоволство, сепак, многу работи ги повторувавме и не ги исполнивме. Бевме блиску до триумф и поради тоа сакав да ги пофалам репрезентативците, но морам и да им ги посочам грешките. Се договаравме пред натпреварот да не ги понесат емоции и да бидат фокусирани на договорот, меѓутоа, сепак, се работи за млада и неискусна екипа. Едноставно треба со текот на времето да станат победници и да знаат како се победува. Загрижен сум во моментов, бидејќи не ги исполнивме договорените работи, сепак, оставивме позитивен впечаток и сакам тоа да нѐ разбуди за да бидеме подобри во вториот меч, против Црна Гора. Треба да бидеме од ден на ден сѐ подобри – рече Лазаров.
Во македонскиот состав импонираше дебитантот, 22-годишното лево крило Цветан Кузмановски, кој беше и најдобар стрелец, со осум гола. Кај Словенците, голманот дебитант Јоже Баник, кој беше избран за најдобар играч на средбата, оствари 10 одбрани, а најефикасен беше десниот бек Јуре Доленец, со пет погодока.

– Воведниот натпревар на првенството е секогаш тежок и за двете селекции. Се надевавме дека понатаму ќе играме со помалку техничко-тактички грешки. Наша вина беше што ѝ дозволивме на Словенија да слави. Можеме да извлечеме поуки од овој пораз – рече по натпреварот голманот Мартин Томовски.
Третиот и последен натпревар од првата групна фаза, репрезентацијата на Македонија ќе го игра в понеделник (20.30 ч.), против актуелниот светски првак, Данска. Првите две селекции од секоја од шесте групи на ЕП 2022 ќе играат во втората групна фаза.