За само три недели се распродаде првиот отпечатен тираж од книгата „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ од Зоран Спасов-Ѕоф. Книгата е во издание на „Арс ламина-публикации“. Со купувањето на книгата, читателите добиваат и бесплатен ваучер за истоимената театарска претстава во Македонскиот народен театар, со Александар Микиќ во главната улога и во режија на Јордан Симонов. Овој спој на книга и театар, како што вeли авторот, има цел да ја промовира македонската култура.
– Овој текст претставува прв обид да се спојат книгата и театарот. Уште на самиот почеток, сите три страни, јас како автор, издавачот „Арс ламина“ и Македонскиот народен театар, се договоривме да го сработиме овој проект без профит, со една единствена цел – промоција на македонската култура. Продадениот прв тираж и распродадените театарски претстави кажуваат дека сме успеале. Мене како автор овој успех ме прави особено среќен, затоа што, заедно со издавачот, го повторивме минатогодишниот успех, кога романот „Тито – мојот претпоследен херој“ стана хит и беше печатен во неколку тиражи – рече Sоф.
„Торонто експрес“ е ново, дополнето издание на популарната книга и литературен првенец на Ѕоф, „Тибам штркот“, а илустрациите на корицата и во внатрешноста на книгата се на стрип-авторот Михајло Димитриевски-Тxе Мичо. Делото претставува документаристичка стрип-проза; еден вид фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Напишана на скопски сленг, книгата нуди нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин.