Фото: Маја Јаневска-Илиева

Итно да се преземат мерки за опстојување на топлификациските системи. Во спротивно многу корисници ќе се откажат/исклучат од тие системи. Ако го направат тоа, каков избор имаат во сегашнава постојна ситуација? Тоа е греење со: 1) дрва и 2) електрична енергија.
Првата опција е речиси неизводлива, бидејќи најголемиот дел станови немаат оџаци, а немаат ни услови за складирање на дрвата. Загадувањето со ПМ10 честички е уште еден неповолен факт.
Втората опција, загревање со електрична енергија, може да се оствари на два начина: со електрични греалки (панелки или термоакумулациски печки) и со топлински пумпи (клима-уреди). Ако корисниците на топлификацискиот систем („парно“) ја одберат опцијата со електрични греалки (најевтина како инвестиција), ќе се направи огромна грешка. Електричната мрежа во зградите (и во дел од градската мрежа) не е димензионирана за толку големо оптоварување и можни се прегревања на електричните кабли (топење, дури и пожари). Има и други причини, а за тоа е потребен поголем простор за објаснување. Примената на клима-уреди за греење е поприфатлива опција, бидејќи тие трошат околу четири пати помалку електрична енергија, но се поскапи од електричните греалки. Меѓутоа, ако бројот на корисници што би вградиле клима-уреди за греење е многу голем, можно е постојната електрична мрежа во зградите да не го издржи тоа оптоварување.
Иако проблематиката со греење на просториите е комплексна во нашиве услови, како краток заклучок и наедно апел до надлежните органи и јавноста би бил: задржете го сегашниот топлификациски систем. Треба да се најде компромисно решение меѓу сите страни за финансирањето поради моменталната висока цена на природниот гас.

Проф. д-р Ристо Цицонков,
Машински факултет – Скопје (во пензија)
[email protected]