Зборот пес не лае (Жерар Женет)
Не сум медиолог, но следам што се пишува кај нас за медиумите. И главно се рециклираат двете спротивставени гледања за технолошкиот развиток на медиумите, едното песимистично-апокалиптично, а другото оптимистично-утописко. Со тие две визури започна полемиката меѓу два генијални ума, во седумдесеттите години од минатиот век: филозофот Жан Бодријар и поетот и ангажиран интелектуалец Ханс Магнус Енценсбергер. Бодријар, во „Реквием за медиумите“ тврдеше дека медиумите се „идеолошки извршители“. Ќе бидеме надгледувани од затворската медиумска кула поставена среде светскиот затвор, наречена (пред Бодријар) „паноптикум“: денес таа се вика Твитер, Фејсбук или не знам како. Според ова апокалиптично сценарио, од тој паноптикум ќе нѐ надгледува Врвниот Тоталитарец, и преку тој централизиран медиум ќе управува со нашето однесување. Енценсбергер, „лево“ идеолошки ориентиран (со јавно изразен срам од нацизмот), му се спротивстави на Бодријар, тврдејќи дека медиумите ќе го победат злото и дека тоа им е основната функција. Прогресивните сили ќе ги искористат медиумите за создавање подобар и поправеден свет.
Кратко кажано, Бодријар предвидуваше дека ѓаволот ќе ви чита ТВ-вести, а Енценсбергер дека тоа ќе го прави Бог. И двајцата делеа, премолчено, едно исто мислење: дека политиката ќе ги грабне медиумите. Но ниту едниот ниту другиот не предвидоа едно изненадување: дека самата политика, без разлика дали е тоталитарна или демократска, ќе си стане МЕДИУМ ЗА СЕБЕ, таков самоцелен медиум од кој веќе медиумите нема ни да се забележуваат: ќе станат проѕирни, невидливи. И вистина, медиумите денес веќе не се посредници (а името медиум значи токму тоа – средина, посредник) меѓу владетелите и народот. Политичарите сѐ повеќе управуваат со држави директно преку Фејсбук: мислењето на политичарот директно доаѓа до народот, без „медиумски шум“. Медиумската интерпретација му е оставена „на народот“, кој или „лајкува“ или пцуе по мрежите.
Не сум против тоа, најмодерно постмодерно време е. Иако мислам дека друга тежина има ако Бајден (Трамп беше повеќе навлечен на електрони од него) свика класична прес-конференција за да ѝ објави војна на Русија, одошто тоа да го стори на Твитер. Путин е тука старомоден: свикува важни и масивни државни тела и, како во социјализмот, пред класични камери кажува што мисли за Запад. Како и да е, ни Бодријар ни Енценсбергер (кој има 92 години) не предвидеа дека политиката до толку ќе се отцепи не само од народите туку и од медиумите, што веќе нема да ѝ биде важно што мисли за некој нејзин потег коментаторот на „Њујорк тајмс“ или некојси колумнист на „Нова Македонија“. Важно е што мисли народот. И колку повеќе лајкови на приватен статус – толку повеќе проектирани гласови за следните избори. Така, користејќи само „платформи“ (тоа не се медиуми во вистинската смисла на зборот, зашто се проѕирни и не ја ИНТЕРПРЕТИРААТ информацијата), политичарот според лајковите може да си го провери рејтингот.
Митот на нашето време е токму – Неговото Височество лајкот. Сите постираат фотографии: жени облечени во необични фустани, мажи сликани крај ексклузивни автомобили, девојчиња со селфи на кои ги испакнале усните сонувајќи такви, ама немаат пари за силиконска интервенција. Зошто го прават тоа? За лајкови. Ако сме искрени, и ние што пишуваме колумни, гледаме колку читања имаме и колку лајкови, за да знаеме „каде сме во занаетот“. Психијатрите велат за нашите деца дека се опседнати од тоа колку лајкови ќе добијат за секоја постирана фотографија, за секој „статус“, затоа што ние, родителите, не им посветуваме доволно внимание. Им треба љубов, велат психијатрите. И бидејќи не ја наоѓаат дома, ја бараат на социјалните мрежи. Ако е така, дали и нашите колекционери на политички лајкови (оние што „се тресат“ колку лајкови ќе добијат од Европа и САД), го прават тоа затоа што не им укажуваме доволно љубов дома? Што уште да им дадеме? Да им целиваме раце и нозе по улици, да ги посипуваме со цвеќиња наутро кога по затворени улици со „чистачи“ одат на работа, со 100 на саат?
Но да одиме подлабоко. Ако, за жал, нашата политика не се разликува многу од пубертетлиите што САКААТ ДА СЕ ДОПАДНАТ, ако веќе живееме во една КУЛТУРА НА ДОПАЃАЊЕТО (која не може без културата на ласкањето), мора да знаеме две нешта: КОМУ сакаме да му се допаднеме и ПО КОЈА ЦЕНА. Психијатрите велат дека да сакаш да му се допаднеш некому не е нездрава работа. Но станува нездрава ако: 1. Сакаш да му се допаднеш некому што не те заслужува и 2. Го правиш тоа ПО СЕКОЈА ЦЕНА. Нема ништо пожално од тоа кога некој сака да му се допадне некому по секоја цена, а овој не го сака. Пожално е и од трагедијата на Софокле за Едип. Затоа, аристотеловски ги сожалувам сите политички креатури чија дневна среќа зависи од бројот на европските или американски лајкови. И оние што ноќе не спијат ако дента не добиле лајк од Запад.
Најважното нешто во допаѓањето е – цената што ја плаќате за да му се допаднете некому. Таа цена го определува и вашето достоинство. Во гимназија имав другарка: скромна, воспитана и срамежлива. Ја каравме што се облекува во „вреќи“ од панталони: мислеше дека нозете не ѝ се убави, а сите што ја имавме видено на плажа знаевме дека има извајано тело. За несреќа, се вљуби во еден наш соученик, аџамија, речиси арамија. И кога ме праша: „Како да му се допаднам?“, искрено ѝ ја кажав цената: без максимално мини, кое веќе го навестува брендот на долната облека, ниедна девојка не можеше ни да му се доближи. Се сеќавам што ми рече: „Не. Тоа не сум јас. Ако е така, ќе го заборавам.“
Рече ли нашата политика што собира странски лајкови по секоја цена: „Не, тоа не сум јас“? Или облече максимално мини и исполни сѐ што се бараше од неа без збор, па сега, кабаетлија, „крева рачна“ кога виде дека Бугарија, настрвена на минито, отворено сака да нѐ анектира?! Чуму такво допаѓање кога стануваш некој што не си ти? Стануваш објект на посакување чија сета субјективност (персоналитет) се сведува на приспособување кон туѓа претстава за тебе? Што ќе ти е таква љубов? Па, барем да има брак од интерес од сета таа маскарада! Ама нема.
Затоа, поблизок ми е Бодријар. Медиумите, преку тотемот на нашето време – лајкот, градат една одвратна култура на допаѓањето. Тоа не е култура на ЗАВЕДУВАЊЕТО: заведувањето подразбира и тој кому сакам да му се допаднам да плати некоја цена, да ми се приспособи мене, не само јас нему. Да заведам, значи да натерам некого да жртвува и тој нешто свое, како доказ дека нешто му значам. Но нашата култура на допаѓањето и ласкањето, за жал, има корен во паланечкиот материјалистички менталитет на промискуитетот: личниот идентитет не е важен, важно е да се исполни желбата на муштеријата. Тоа важи за политичарите што бројат лајкови. Важи и за интелектуалците што пишуваат само за да му се допаднат некому. Нема ништо пожално од тоа. Нема, дефинитивно. Срам и жал. Резил.