На осум дена до почетокот на Европското првенство (ЕП) кое од 13 до 30 јануари ќе се игра во Унгарија и Словачка, голем е бројот на селекторите кои се соочуваат со проблеми поради повредени и ракометари позитивни на коронавирусот.
Со проблеми се соочуваат и противниците на Македонија на ЕП. Селекцијата на Црна Гора на денешното тестирање имала тројца позитивни ракометри и еден член на стручниот штаб, чии имиња не ги соопштија. Поради тоа Црногорците го откажаа учеството на турнирот во Швајцарија кој требаше да им биде последна контрола пред почетокот на ЕП. Во селекцијата на Словенија позитивен на ковид-19 е голманот Урбан Лесјак, а позитивен е и данскиот голман Јаник Грин, за кого нема информации дали настапот на ЕП му е доведен во прашање.
Одредени маки има и македонскиот селектор Кирил Лазаров во чиј тим 10-12 ракометари биле зафатени од сезонскиот грип, но без сериозни здравствени проблеми.
Ракометната репрезентација на Србија на последното тестирање утринава имала дури шест позитивни, меѓу кои двајца ракометари и четири членови на стручниот штаб. Позитивни биле голманот Владимир Цупара и крилото Богдан Радивојевиќ, како и селекторот Тони Џерона, тренерот на голманите Димитрије Пејановиќ, физиотерапевтот Петар Радуловиќ и шефот на делегацијата Милорад Кривокапиќ. Претходно поради повреда на бутниот мускул од комбинација испадна најдобриот српски ракометар Петар Ненадиќ. Србија на шампионатот се наоѓа во групата Ц заедно со Франција, Хрватска и со Украина.
Поради коронавирус во таборот на Швеѓаните недостасуваат младиот ракометар на Монпелје, левиот бек Карл Валиниус и неговиот клупски колега Лукас Пелас, а неизвесен е и настапот на десниот бек на Алборг, Лукас Сандел, кој на новогодишната ноќ стана татко, и во медиумите изјавил дека семејството е пред сѐ другo. На нивно место слекторот на Шведска Глен Солберг повика нови тројца ракометари – левото крило Емил Мелегард, десното крило Андреас Ланг и голманот Фабијанн Норстен.
Швеѓаните на Европското првенство ќе играат во групата Е заедно со селекциите на Шпанија, Чешка и Босна и Херцеговина.
Со големи проблеми за време на подготовките се соочува и стратегот на Португалија Пауло Переира во чиј табор има неколкумина повредени ракометари, а дел се позитивни на ковид-19. Поради повреда за Будимпешта нема да патуваат – Луис Фраде, Андре Гомеш, Педро Портела, Диого Силва, Алексис Боргес, Жоао Фераз и Белоне Мореира. Мигел Мартинс, Александре Калваканти, Тјаго Роча и Густаво Капдевил се повикани меѓу 20-те патници за Европското првенство, откако пред неколку дена го прележаа коронавирусот.
Хрватскиот стратег Хрвоје Хорват има проблеми на десната бековска позиција по повредата на Лука Шебетиќ, па на негово место веднаш е повикан Шиме Ивиќ од Лајпциг.
Ковид-19 ги поремети подготовките и во редовите на францускиот национален тим предводен од Гиом Жил, каде при првото тестирање позитивни беа Никола Карабатиќ и десните крила Беноит Конку и Јанис Лене, а потоа и Реми Десбоне, Хуго Деска, Кентин Мине, Дилан Нахи и Елохим Пранди кој беше прободен со нож за време на новогодишната прослава. Сите ракометари се во изолација, а за враќање на терен и на тренинзи, ќе мора да добијат негативен тест.