Искуството од изминатиов период покажува колку е значајно сплотени и со меѓусебна доверба и поддршка да целиме кон подобри услови за живот на сите граѓани во земјава
Здравје, среќа, љубов, слога, бериќет се само дел од вообичаените новогодишни желби што си ги посакуваме со најблиските. На почетокот на годината сите разменуваме убави зборови меѓусебно и се надеваме на подобра и поуспешна година на секое поле. Желбите за добро здравје уште повеќе се засилија поради пандемиjaта, која речиси две години ни исполни со неизвесност, со неочекувани загуби и којa уште повеќе ни покажа колку кревко и важно е здравјето за сите нас. Токму искуството од изминатиов период покажува колку е значајно сплотени и со меѓусебна доверба и поддршка да целиме кон подобри услови за живот на сите граѓани во земјава.
На самиот крај на сега веќе минатата 2021 година бевме сведоци на формирање посебно тело што ќе го советува министерот за финансии. Советодавно тело составно од поранешни министри, лица што и самите искусиле раководење со истата позиција, но кои се од различни политички партии. Формирањето вакво тело во кое членуваат искусни луѓе, секако, ги зголемува очекувањата кај граѓаните дека водејќи се од желбата за подобри решенија ќе видиме позитивни ефекти во управувањето со државата, ефект што на крајот позитивно ќе се одразат и врз граѓаните.
Ќе донесе ли оваа 2022 година новини во раководењето на државата, но и подобри решенија. Пред нас е една нова година, во која нѐ очекуваат многу новини. Новото советодавно тело создава надеж дека сплотени би можеле да постигнеме подобри решенија, да се посветиме исклучиво на градење подобри услови за развој на државата, подобри услови за развој на економијата, подобрување на инфраструктурните решенија, подобрување на образованието, на судството…
Годината ја започнуваме со нов премиер и нова владина коалиција, но и понатаму продолжуваат традиционалните партиски расправии и обвинувања…
Новина е и неработната недела, која треба да им овозможи повеќе слободно време на голем дел од нашите сограѓани за семејството, но треба да донесе и поголеми дневници за оние што сепак мора да работат и во овој ден.
А почетокот на оваа 2022 година донесе и нови ценовници, па наскоро ќе донесе и повисоки сметки за граѓаните. Покачувањето на цената на електричната енергија ќе го почувствуваат сите граѓани веќе од следниот месец, а дополнително корисниците на топлинска енергија ќе имаат уште една повисока сметка следниот месец. Но загрижуваат и очекувањата поскапата струја дополнително да се одрази врз животниот стандард на граѓаните, со дополнително поскапување на продуктите во малопродажба, во кои со сигурност ќе биде вкалкулирана и новата цена на електричната енергија.
Желбите за подобар живот, за подобар стандард или за приближување кон стандардот на европските граѓани остануваат засенети од поскапувањата изминатиов период, но и од можните нови цени по поскапувањето на струјата.
Растот на цените на храната, но и пандемијата и загриженоста за нашето здравје треба да бидат поттик повеќе за поголема сплотеност, поголема меѓусебна поддршка и мотиватор за градење успешна држава со своја развиена економија. Силите треба да ги насочиме кон поголемо домашно производство, наместо кон увозната зависност, кон подобрување на условите за развој на бизнисите.
Ќе бидат ли овие празнични денови поттик за креирање нови начини на размислување кај политичките елити. Изминатава година бевме сведоци на речиси секојдневни партиски прес-конференции во кои „главните актери“ укажуваат и потенцираат дека лица поставени на раководни позиции ја искористиле својата местоположба за сопствено збогатување. Бевме сведоци на политичка нестабилност, која создава неизвесност и кај граѓаните и кај бизнис-заедницата. Нестабилноста не води кон успеси, напротив, таа ги кочи плановите за нови вложувања, ја кочи индивидуалната мотивација за поголемо вложување во своите дејности и дополнително ја поттикнува идејата за заминување од земјава.
Критиката и укажувањата за нечии манипулации се неопходни, но дали треба постојано да се создава тензија, дали на секоја новина треба да се ставаат сопки.
Токму овие празнични денови треба да бидат поттик за поинакви и нови погледи и начини на дејствување. Сплотеноста и меѓусебната поддршка се неопходни во оваа нова година, каде што со заедничките заложби треба да градиме подобра држава и подобри услови за живот за сите нас. Подобрувањето на секој сегмент од животот ќе биде мотив за граѓаните да не размислуваат исклучиво за напуштање на државата.
Животот во Македонија и животниот стандард на сите граѓани ќе се подобрат со поголема стабилност во земјава, со владеење на правото, почитување на законите, а со нив и со подобрување на инфраструктурата во секој сектор, што ќе резултира и со подобрување на условите за развој на економијата. Со сплотеност, соработка и поддршка може да донесеме позитивни промени за целото општество.