Граѓаните што живеат на улица 29 во Сопиште вечерва со свеќи во рацете протестираа на главната улица „Христо Tатарчев“ и упатија апел до „ЕВН Македонија“ да им го реши проблемот со електричната енергија.
– Повеќе од седум години над 50 домаќинства што живеат на улица 29 имаат проблеми со електричната енергија, и апелираат до „ЕВН Македонија“, кои не интервенираат и не ги решаваат проблемите. Од достапни 220 волти во три фази, се случува скоро секој ден да се достапни под 200 волти, а преку викенди не работат барем две фази или воопшто нема електрична енергија. За ова се направени безброј дописи до „ЕВН Македонија“, кои се’ уште го немаат решено овој проблем, а ние празниците ги чекаме со свеќи наместо струјата која редовно ја плаќаме – истакнуваат жителите што протестираа денес.


Тие се обратија и до општина Сопиште да ги поддржи во решавање на овој проблем и да престане да издава градежни дозволи додека има проблеми со инфраструктурата на улица 29.
Од „ЕВН Македонија“ велат дека проблемот ќе биде решен во најбрз можен рок.
– Во село Сопиште е веќе планиран зафат за утре. Екипите на „Електродистрибуција“ ќе работат на инсталација на подземен кабел, со што ќе се нормализира снабдувањето со електрична енергија на корисниците и ќе се подобрат напонските прилики во проблематичните делови од селото – велат од „Електродистрибуција“.