Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ анализирал повеќе параметри за растот на БДП во Македонија и во другите европски земји во изминатите 30 години. Од анализата може да се заклучи дека многу земји се движат забрзано на патот на економскиот прогрес, додека нашата земја тоа го прави исклучително бавно, со огромен заостаток зад европскиот просек, но и со голема разлика во однос на висината на БДП по жител, кај нас и во ЕУ

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА ЗА РАСТОТ НА БДП КАЈ НАС И ВО ЕВРОПА

Македонија мора да продолжи со структурни реформи, сѐ додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на земјите од Европската Унија или, пак, со другите земји што постигнале огромен напредок во текот на годините.
Македонската економија драстично заостанува зад европската, особено зад развиените европски земји, за што конкретен показател е бруто-домашниот производ (БДП) по жител.
Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ анализирал повеќе параметри што нудат дел од одговорите на прашањето дали Македонија доволно го зголемила својот БДП за 30 години. Според резултатите од истражувањата од 1992 до 2021 година, Македонија го зголемила бруто-домашниот производ за 60 отсто. Но, за разлика од другите европски земји, зголемувањето кај нас е многу бавно и многу ниско.
– Ако пред 30 години БДП во земјава бил 10.278 долари по жител, според паритетот на куповната моќ, годинава тој изнесува 16.444 долари. БДП по жител, пред три децении, бил споредлив со оној на Летонија, Полска, Романија и Казахстан. Денес БДП е сличен со оној на Албанија, Грузија и Туркменистан. Во земјите со кои Северна Македонија била на исто ниво пред 30 години, сега БДП е зголемен за трипати, но БДП во Македонија е зголемен само за 1,6 отсто – објаснуваат од „Фајненс тинк“, додавајќи дека за споредба се земени само поранешни социјалистички земји со расположлив стартен показател за 1992 година.
Оттаму посочуваат дека, според анализите, за 30 години БДП по жител на паритет на куповна моќ во Полска и во Летонија е зголемен за 3,1 пати, во Романија за 2,8, во Казахстан 2,4 и во Македонија за 1,6 пати, што е двојно помалку од другите наведени држави.
– Од спроведените истражувања се наметнува заклучокот дека многу земји се движат забрзано на патот на економскиот прогрес, додека нашата земја тоа го прави забележително бавно, а тоа е поради низа надворешни и шокови од неекономска природа, кои оневозможија економијата да оствари повисоки и континуирани стапки на раст. Пандемијата на коронавирусот лани ја втурна земјава во рецесија, со пад од 4,5 отсто на БДП. За годинава прогнозите се дека ќе ја завршиме со раст од 4 отсто, а во наредните години тој да расте 5 отсто – велат од „Фајненс тинк“.

Разликата меѓу нашиот раст на БДП по жител и европскиот е драстична и неспоредлива, и наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани јазот станува сѐ подлабок, а разликите поголеми. Бројките покажуваат дека во 2020 година просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 34 илјади американски долари, додека кај нас речиси шест илјади американски долари по жител.
Бизнисменот Горан Рафајловски, добар познавач на економските текови во домашното стопанство, укажува дека забрзан економски раст или раст што ќе овозможи стандардот на Македонците да се приближи до европскиот стандард недостига пред сѐ бидејќи државата не направила стратегија за развој на економијата.
– Иако има триесет години од осамостојувањето, ние не успеавме да направиме национална стратегија за развој на економијата туку се потпираме на политички програми. Треба да е обратно, потребна е стратегија, врз основа на која ќе се прават политичките програми. Недозволиво е кој дојде на власт да ги стопира почнатите програми и да се однесува како да почнуваме од нула. Ни треба континуитет, развој, изградба, а немаме напредок. Инфраструктурата во нашата држава е на многу лошо ниво, патиштата се неразвиени, автопатиштата недоволни, некомплетирани, исто така и железниците. Дополнително што и енергетскиот сектор е запоставен целосно, па сега и тој е на раб на колапс, кој ќе се одрази врз севкупното население – укажува Рафајловски.

Според него, за да имаме квалитетна работна сила, која ќе продуцира економски раст, потребно е квалитетно образование, кое кај нас е речиси целосно уништено.
– Сегашните состојби во нашата држава не влеваат надеж за брз развој во иднина, на пример со стратегија за развој би се дефинирале нашите намери, дали ќе се развива земјоделство, а преку негова преработка ќе се тежнее кон поголем извоз или, пак, ќе се цели кон развој на ИТ-секторот или некои други области – вели Рафајловски.
Бизнисменот смета дека недостигаат идеи за развојот, доминираат дневнополитичките политики и агенди, а не се решаваат големите проблеми и тешко може да очекуваме стапки на раст на економијата што би резултирале со видливо подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Поранешниот гувернер Петар Гошев објаснува дека доколку се земе просекот за Македонија од осамостојувањето, односно за изминативе триесетина години, ќе ни бидат потребни многу децении за да го достигнеме европскиот животен стандард.
– Има многу предуслови што треба да придонесат за поголем раст на БДП и на животниот стандард. Почнувајќи од поставување јасно дефинирани цели, преку доследно спроведување на законите, беспрекорно функционирање на институциите, кои ќе ги поттикнуваат компаниите да работат поинтензивно, подобро… И не само институционалните политики туку едноставно е потребна промена на менталитетот на граѓаните, на сите и на оние што се на раководни функции, за да го забрзаме економскиот раст – нагласува Гошев.


БДП по жител во американски долари за 2020 година

Македонија 5.888
Србија 7.666
Австрија 48.327
Бугарија 9.975
Хрватска 13.828
Чешка 22.932
Данска 61.063
Албанија 5.215
Франција 39.030
Германија 46.208
Грција 17.676
Романија 12.896
Словенија 25.517
БиХ 6.032
Украина 3.727
Луксембург 115.873
Шведска 52.259
Полска 15.656

Извор: Светска банка


БДП по жител според паритет на куповна моќ по години

  1992               2021
Латвија           9.959             31.089
Полска            10.729           33.475
Романија         10.957           30.676
Казахстан        10.889           25.657
Македонија      10.278          16.444

Извор: „Фајненс тинк“