Едно лице загина, а десетици луѓе се водат за исчезнати по лизгање на земјиште во рудник за жад во северниот дел на Мјанмар, извештија медиумите. Околу четири часот наутро по локално време дошло до свлечиште во областа Хпакант во покраината Кацин, а се стравува дека одронот одвлекол речиси 100 луѓе во езерото, изјави неименуван функционер на Кацинската мрежа, пренесе „Ројтерс“.
– Властите пристигнаа на местото на настанот околу 7 часот наутро и потрагата е во тек – изјави телефонски Даши Нав Лоун, официјален претставник на граѓанската групација.
Ко Њи, член на спасувачките служби, за „Асошиејтед Франс Прес“ изјави дека е пронајдено едно тело, а 25 повредени се испратени во болница.
Речиси 200 спасувачи се вклучени во потрагата по преживеаните.
Локалните медиуми објавуваат дека десетици луѓе се водат како исчезнати по инцидентот во Хпакант, кој е центар на индустријата за жад во таа земја.
Во лизгање на земјиште минатиот викенд загинале најмалку шест лица. Смртоносните одрони се вообичаени во лошо регулираните рудници во Хпакант, кои привлекуваат сиромашни работници од целиот Мјанмар во потрага по скапоцени камења наменети главно за извоз во Кина.
Мјанмар произведува 90 отсто од светскиот жад, а најмногу доаѓа од Хпакант, каде рударските компании поврзани со воената елита и вооружените групи заработуваат милијарди долари.